
Откако вчера беше блокиран патот Кочани – Штип кај село Облешево од страна на оризопроизводителите од кочанско, кој бараат поголема цена за оризовата арпа и белиот ориз, денеска одговарајќи на новинарско прашање се огласи и Премиерот Зоран Заев. Тој беше повикан да дојде на протестот и да ги слушне проблемите на оризарите, но не се појави. Денеска кажа дека е во тек со настаните и дека континуирано им се помага на земјоделците без разлика што и каде произведуваат.
„Секако дека сум во тек со тоа што се случува со сите земјоделски производи , со сите земјоделци во државата. Јас веќе најавив благодарение на навремените анализи, Буџетот предвидува средства ќе се помогне со три дополнителни денари на лозарите и секако со поддршката на извозот, со три денари ќе помогнеме на индустриското јаболко и во делот на оризовата арпа помагаме континуирано, по делот на хектаража и по дело на субвенции“ – додаде Заев.
Заев додаде дека доколку не се пронајде решение со Министерот за земјоделие, тој стои зад граѓаните земјоделци и преку флексибилни механизми ќе се бара заедничко решение на проблемите. Според Заев од големо значење е земјоделците да продолжат да одгледуваат земјоделски производи и затоа Владата им стои целосно на располагање.
Лаура Стојанова М-Нет