Емил Павлов утре заминува на Европските игри во Полска, на отворањето ќе го носи македонското знаме

Штипјанецот Емил Павлов ќе го вее македонското знаме на отворањето на Европските игри во Краков, Полска. Павлов заминува утре и е еден од осумте каратисти кои исполнија норма за учество на Игрите. Пред камерата на М-Нет Телевизија, посочува дека е силно мотивиран и неговата цел е да ја претстави Македонија во најдобро светло.

„Ми се укажа чест од страна на Олимпискиот комитет да бидам носител на македонското знаме на отворањето на овие игри и тоа е уште еден голем мотив за мене да се покажам во најдобро светло на овие игри и да ја претставам Македонија со уште еден голем резултат“, истакна Павлов.

Павлов изминативе месеци се подготвуваше прво во матичниот клуб, а потоа замина на подготовки во Србија кај тренерот на олимписката шампионка од таму. Борбите на Павлов се в четврток, кога ќе потруди да ги победи противниците, за кои вели дека добро ги анализирал со својот тренер. Цели на високи резултати и смета дека може од таму да се врати со голем успех. Тој е единствен македонски каратист со трето учество на Европски игри, пришто на првите во Азербејџан, во 2015 година, освои бронзен медал, а од вторите во Белорусија, во 2019 година, се врати без медал.

„Можам да кажам дека сум задоволен од изминатиот период, како се одвиваа подготовките за овие Европски игри, максимално сум подготвен за овој предизвик. Еве, веќе утре заминуваме заедно со мојот тренер на овие игри во Полска, моите борби се на програмата во четврток. Моите очекувања се да се претставам во најдобро светло и да ја претставам Македонија уште еднаш на едно високо ниво и да освојам голем резултат“, додаде Павлов.

Европските игри ќе се одржат од 21 јуни до 2 јули, а Македонија ќе ја претставуваат седумаесет спортисти. Сите се подготвени и веруваат дека со своите квалитети ќе освојат медал. Инаку, за време на Европските игри ќе се одржат и натпреварите од третата Европска атлетска лига на која ќе учествуваат и најдобрите македонски атлетичарки и атлетичари.

Ребека Спасова М-Нет