
Водоснабдувањето во штипско Лакавица ќе биде запрено 24 часа за да се наполни резервоарот. Ваква одлука донесе штипски Исар откако утврдиле дека проблемот со водоснабдувањето кај жителите во ова село е поради нерационално користење на водата. Директорот, Кирил Зајков, вели дека питката вода се користи во големи количини за наводнување и апелира тоа да не се прави за да има доволно вода за сите.
„Констатиравме дека вода има, меѓутоа истата се користи нерационално, односно дел од жителите на МЗ Лакавица водата ја користат за наводнување на нивните земјоделски посеви. Апелираме до сите граѓани на МЗ Лакавица да ја користат водата рационално за да не дојдеме до ситуација да биде запрено водоснабдувањето. Она што дополнително ќе го направиме е дека ќе го сопреме водоснабдувањето во рок од 24 часа за да се наполни резервоарот со вода со што и притисокот во самиот систем би бил на задоволително ниво“, вели директорот Зајков.
Дека ваков проблем имаат подолго време, потврдува и претседателот на Месната заедница, Димче Јованов. Тој и во оваа прилика упати апел до жителите со цел да има доволно вода за сите и да не доаѓа до чести прекини.
„Имаме проблем со водоснабдувањето, многупати апелираме до населението да ја користат рационално водата, меѓутоа некако слабо имаме одзив. Повторно апелираме, еве, имаме екипи од ЈП, констатираа дека има доволно дотур на вода“, вели Димче Јованов, претседател на МЗ Лакавица.
Но со ова не се согласуваат сите жители. Дел од нив посочуваат дека проблемот не е во наводнувањето земјоделски површини оти тие за тоа и не ја користат водата од системот за водоснабдување.
Зајков посочува дека причинител на проблемот со водоснабдувањето во сите села е токму нерационалното трошење на вода. Претходно за ова се дискутираше и со жителите на штипското село Шашаварлија, каде Локалната самоуправа и жителите не најдоа заеднички јазик.
Ребека Спасова М-Нет