Грешка на претходните локални власти е причина за штетата на улицата во населба Леваци во Штип

Целосно оштетена улица во населбата Блок 70 во Штип или популарно Леваци е резултатот од водоводен дефект. Сообраќајот на улицата „Коле Неделковски“ веќе две недели се одвива отежнато поради оштетувањата, а од ЈП „Исар“ велат дека причината за ова е непроменета водоводна мрежа. Иако улицата била реконструирана пред две години, тогашните локални власти не ја промениле водоводната мрежа.

„Поради настанат дефект на водоводната мрежа пред десетина дена, ЈП „Исар“ изврши санација на истата при што беше констатирано дека е линија стара повеќе од 50 години. Брзопотезно го решивме дефектот, но по кажувањата на овдешните жители често се соочувале со дефекти на истата траса и побараа да се направи една ревизија на линијата. Утврдено е дека линијата не е менувана, а штетата е направена и при дефектот асфалтот е оштетен. Доколку не се санира, дефектите ќе продолжат да се јавуваат“, истакна Трајче Здравков, в.д. директор на ЈП „Исар“.

Според градоначалникот Јорданов, тогашниот градоначалник ветувал асфалтирање и целосна промена на водоводната и канализационата мрежа, но ветувањето не го остварил. Потрошени се 4,5 милиони денари од парите на граѓаните, вели Јорданов, а како резултат добиваме целосно оштетена улица со стара водоводна мрежа и потреба од нејзина повторна реконструкција.

„За жал, грешките од минатото ги плаќаме денес. Се наоѓаме на улицата „Коле Неделковски“ којашто пред неполни две години, во мандатот на еден претходен градоначалник беше целосно реконструирана и, како што беше тогаш изјавено, се вршела целосна промена на водоводната и канализационата мрежа и асфалтирање. Две години подоцна на оваа иста улица е констатиран дефект на водоводната линија по којшто е настанато оштетување на коловозната лента. При санацијата утврдено е дека не е извршена промена на водоводната мрежа“, истакна Јорданов.

За ова одговорност мора да има, потенцира Јорданов, бидејќи неодговорното работење не смее да биде на терет на граѓаните. Според директорот Здравков, комплетна замена на водоводната линија ќе предвидат во програмата за следната година, а за да не дојде повторно до ваков случај, тој потенцира дека тие прво заменуваат водоводна и канализациона мрежа, потоа асфалтираат.

Ребека Спасова М-Нет