Како текстилната индустрија ќе ја издржи кризата, дали сопствен бренд е спас за компаниите?

Здравствената криза во изминативе две години, а сега и економската и енергетската значително ја погодија и текстилната индустрија. Бројот на работници сѐ повеќе се намалува и работодавачите очекуваат и понатаму да опаѓа. Дел од нив спасот од кризата го гледаат во креирање сопствени брендови.

„Факт е дека од 2009 година па наваму бројот на работници во текстилната индустрија постепено опаѓа. Тој процент некогаш се движи еден – два, но за време на короната беше и над 3% и ваквата текстилна индустрија како што ја знаевме нема да постои во никој случај. Знаете дека ваквото производство не обезбедува стандард на вработените, а младите сакаат повисок стандард. Мислам дека бројот на работници и понатаму ќе паѓа, а од друга страна компаниите мора да размислуваат за свои брендови“, истакна Димитров.

За друг дел од работодавачите, пак, сопствен бренд не е опција. Тоа изискува многу пари и знаење, а и не е исплатливо, бидејќи македонскиот бренд тешко се пробива во Европа и светот.

„Јас во текстилната индустрија сум многу многу години. За да создадете сопствен бренд потребно е пред сѐ многу знаење и потребно е да имате многу пари. За жал ние и да создадеме сопствен бренд, во Македонија, во Европа дали 10% луѓето знаат дека постои, а не, пак, дека има сопствен бренд“, истакна Венцо Филипов, сопственик на текстилна компанија.

Претседателката на „Гласен текстилец“, Кристина Ампева, вели дека за кризата потребна е стратегија и преземање соодветни мерки. Ако не знаат како, Ампева вели, треба да прашаат, бидејќи некој веќе работел на тоа.

„Имаме криза од 2020 година или, поточно, веќе 30 години сме во криза. Кризата е бидејќи навремено не се мислело, немало никаква стратегија дека одредени региони или градови зависат од некаква индустрија. „Лом“ производството за мене не е опција. Да, во ред е да работиме за странски брендови, меѓутоа не е во ред да работиме само за неколку центри“, истакна Ампева.

Според Јоханес Хајдекер, советник на премиерот, Владата не е онаа којашто треба да направи сѐ за текстилната индустрија. Таа може единствено да создаде услови, а останатото е преку соработка меѓу работниците и работодавачите.

„Главниот напор кој треба да го направат се работодавачи заедно со нивните работници. Не е Владата таа којашто ќе каже каква облека ќе купуваме следната година. Владата може само да создаде услови. Најважното е дека ако сакате да успеете на пазарот, мора да зборувате со вашите клиенти, да ги соработувате со вашите работници и да инвестирате. Ова е главната поента. Имаме добри примери, некои се подготвени, некои работат на тоа и се профитабилни“, истакна Јоханес Хајдекер, советник на премиерот на РСМ.

На темата „Иглата ја храни индината“ се дискутираше на денешната дебата во рамки на шестата по ред Текстилијада во Штип. На истата присуствуваа повеќе претставници на текстилните компании, како и останати гости од земјава и странство чии домен на работа е во корист на текстилната индустрија.

Ребека Спасова М-Нет