Градскиот стадион во Прилеп блеска: Зелен, чист и целосно подготвен за нови фудбалски битки!

Градскиот стадион во Прилеп доби нов лик и е подготвен повторно да биде домаќин на фудбалски натпревари.
ЈКП „Комуналец“ – Прилеп и ЈКП „Водовод и канализација“, во соработка со Локалната самоуправа, реализираа целосна рехабилитација на стадионот, кој во изминатиот период беше во незавидна состојба, како во поглед на зелените површини, така и на дел од инфраструктурата.
Во рамки на активностите, на одредени места е поставена нова бусен трева, теренот е целосно третиран со потребните препарати, поставен е систем за наводнување, а дополнително е извршена рехабилитација на постојната трева и нејзино правилно косење.
Резултатот е видлив – фудбалскиот терен сега е зелен, чист, уреден и во одлична состојба, подготвен за нови спортски предизвици и натпревари.
Од „Комуналец“ посочуваат дека рехабилитацијата на тревната површина на спортските терени е макотрпен и стручен процес кој бара време и посветеност. Во случајот со Градскиот стадион во Прилеп, наместо целосна преработка и пресејување, со стручна интервенција било успешно оспособено постојното тревно игралиште.
По вложениот труд, прилепскиот Градски стадион повторно има изглед каков што му доликува на едно спортско игралиште – подготвен за фудбалот и за нови натпревари пред прилепската публика.