Голманот Давид Денковски ја продолжи верноста кон ФК „Брегалница“ – Штип

Фудбалскиот погон на Брегалница ги започна подготовките за новата прволигашка сезона овде во Штип, за да од 28 јуни се префрли во својата традиционална база во Пехчево. Засега новитети во Брегалница се хрватот Антонио Азиновиќ и бившиот македонски репрезентативец Даниел Мојсов а денес спортскиот директор Емил Тодев не информираше дека е потпишан тригодишен професионален договор и со голманот Давид Денковски. На подготовките во Пехчево тимот на Брегалница на 3 јули ќе одигра пријателски контролен натпревар со Борец од Велес. Во спортско – туристичкиот центар Златибор во Србија фудбалската експедиција на Брегалница ќе замине на 10 јули. Таму ќе се одвиваат техничко – тактичките подготовки при што се преговара и за одигрување на неколку пријателски натпревари, но сеуште без утврдени противници и термини. Убаво е вака подготовките да се одвиваат заеднички со стариот костур на екипата и со новодојденците со што шефот на стручниот штаб Марјан Секуловски би имал целосна прегледност во формата на сите играчи. Во понатамошните денови од преодниот рок во Брегалница се размислува за засилување со уште неколку имиња, но засега не се откриваат повеќе детали околу нивниот ангажман.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk