
Вкупно 25 учеснички, членки на боречките репрезентации на Косово, Бугарија и Македонија се дел од женскиот боречки камп во Штип, кој се одржува во просториите на БК Балканец. Нив ги обучуваат тренери од Македонија, но и од Светската боречка асоцијација, кој имаат за цел да ги подобрат техниките кај оние кои се занимаваат со овој спорт и да им укажат како да бидат подобри.
„Овој камп има големо значење за Боречката федерација и за девојките коишто се вклучени. Учествуваат борачки од репрезентацијата на Косово, Бугарија и Македонија. Јас како претседател сум презадоволен од условите коишто ги има БК Балканец, кои се покажаа повторно како добри домаќини и покажаа дека знаат како се почитуваат спортистите и како се почитува спорт кој е еден од најдобрите спортови во Македонија“, вели Дејан Богданов, преседател на Боречката федерација на Македонија.
Претставник од Светската боречка асоцијација е тренерот Николае Гита, кој сега е тренер на германската репрезентација, а претходно бил на швајцарската и романската. Тој има учествувано на седум олимпијади, на четири како спортист и на три како тренер.
„За мене ова е пријатно место, се сретнав со многу различни борачи и борачки и баш е добро за поддршка на Македонската федерација за развој на женското борење. Ги поздравувам сите родители што ќе го гледаат ова емитување и ги повикувам да ги пратат своите деца да го тренираат овој спорт, бидејќи во овој спорт, како што можете да видите и сами, членуваат многу девојки Со вистинско тренирање секој ден и со напорна работа верувам дека од оваа сала ќе излезе шампион во женско борење“, вели Николае Гита, тренер на германската репрезентација.
Боречката федерација и претходно има организирано вакви кампови, со истите продолжува со цел развој на спортот.
„Продолжуваме со континуитетот од десет и повеќе последователни кампови во женско борење. И самите можете да видите дека на овој тренинг камп имаме голем број учесници, што значи дека нашата напорна работа придонесува во развојот на женското борење во Македонија“, вели Илчо Марковски, тренер на репрезентација во женско борење.
Кампот во просториите на БК Балканец трае пет дена, започна на 19 октомври и ќе заврши на в понеделник, на 23 октомври.
Ребека Спасова М-Нет