Кочанските пензионери го блокираа влезот на Кочани, правда ќе се бара пред европски амбасади

Кочанските пензионери вчера попладне го блокираа влезот на Кочани и со тоа повторно потсетија на барањата за повисоки пензии. Првпат формата на изразување незадоволство беше блокада на сообраќајница, а посочија дека нема да запрат, туку протестите ќе бидат уште поригорозни со блокирање на сообраќајници во повеќето градови од државата.

„Денешниот протест на пензионерите со мали пензии во општина Кочани се организираше за првпат со блокирање на една сообраќајница, односно на влезот на Кочани од јужната страна од обиколницата. Ги повторуваме истите барања кои и досега важеа со тоа што е зголемен износот на средства за линеарна пензија, од 3.500 денари на 5.000 денари. Бараме и минимална пензија од 20.000 денари. Им порачуваме на сите надлежни дека пензионерите нема да застанат, дека овие протести ќе продолжат и тоа уште поригорозно“, вели Лазо Димитров, претседател на ИО.

Пензионерите на 7 ноември ќе протестираат пред седиштето на Европската Унија и уште четири амбасади во Скопје. Посочија дека проблемот треба да се слушне на меѓународно ниво, па правдата ќе ја бараат пред европските амбасади.

„На седницата што се одржа во Прилеп, на 11 октомври, беше донесена одлука протестите да не бидат пред Парламентот или Владата, туку пред седиштето на ЕУ, Американската амбасада, Француската амбасада, Белгиската амбасада, така што протестот ќе добие меѓународен карактер. Дадено е зелено светло од сите амбасади, така што наредниот протест ќе се одвива на пет места истовремено, на 7 ноември“, додава Моне Георгиев, заменик-претседател на ИО.

Радикализација на протестите најавуваат пензионерите од речиси сите градови. Сообраќајници во неколку наврати блокираа светиниколчани, а в понеделник повторно ќе протестираат и штипските пензионери.

Ребека Спасова М-Нет