Во сабота девети „Марш за ангелите“ во Кочани, со почеток од 16:05 часот

Во сабота 7 јуни по девети пат се организира Марш за ангелите во Кочани. Со почеток во 16:05 часот како симболика за задоцнета реакција семејствата на починатите и повредените од пожарот во дискотеката Пулс во Кочани ќе маршираат по веќе утврдена рута. Започнувајќи од паркот на револуцијата, до Трговскиот центар, општинската зграда, полицијата, па завршувајќи пред Јавното обвинителство и Судот во Кочани, семејствата ќе бараат правда за нивните деца.

„Ве известуваме дека „Маршот за ангелите“ единствено е организиран од семејствата на починатите и повредените во пожарот во Кочани и ги замолуваме сите граѓани да го почитуваат ова и да не се приклучуваат доколку целосно не го прифаќаат и поддржуваат маршот и неговата реализација“ , стои во писменото известување испратено до медиумите.

Родителите на настраданите од пожарот во Кочани секоја сабота маршираат по кочански улици, бидејќи како што велат мора да има правда и одговорност за пожарот кој зема 62 жртви, а околу 200 беа повредени.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет