Возачите со „Б“ категорија од утре ќе можат да возат мотоцикл до 125 cm³ по четиричасовна обука

Граѓаните од утре ќе можат да го остварат правото за управување со мотоцикли до 125 cm³ преку задолжителна обука во автошколите кои поседуваат лиценца за категоријата „А1“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР соопштија дека се завршени сите неопходни формално-правни и технички подготовки за примена на законските измени кои овозможуваат управување на мотоцикли од категоријата „А1“ со автоматски менувач и моќност до 11 kW.
Обуката ќе трае четири часа и ќе опфати теми поврзани со безбедноста во сообраќајот, меѓу кои користење на заштитна опрема, контрола и стабилност на мотоциклот, превоз на сопатник и препознавање и избегнување ризици на патот. По завршувањето на обуката, автошколите ќе издаваат соодветна потврда.
За да се стекнат со ова право, кандидатите ќе треба да достават лекарско уверение и потврда дека немаат изречена забрана за управување со возило од категорија „Б“. Од МВР нагласуваат дека доколку подоцна на лицето му биде изречена забрана за „Б“ категорија, автоматски престанува да важи и правото стекнато преку потврдата за управување со мотоцикл до 125 cm³.
Правото може да го користат лица кои имаат најмалку 23 години и поседуваат важечка возачка дозвола од категорија „Б“ најмалку пет години.
Од Министерството потсетуваат дека управување со мотоцикл до 125 cm³ без претходно завршена теоретска обука и издадена потврда од овластена автошкола не е дозволено.