
Невреме со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локална појава на град се очекува попладнево, вечерва и во текот на ноќта, најавува дежурниот синоптичар од Управата за хидрометеоролошки работи, Јулијана Фиданоска Мишкоска. Пред самиот праг на летото, студен фронт од север носи значителна промена на времето и пад на температурите. Во источниот регион денешните максимални 33 степени веќе утре ќе се намалат на околу 24 степени. На одделни места се можни поинтензивни временски процеси проследени со обилен дожд, силен ветер и град.
„Денес во попладневните часови, во вечерните и во текот на ноќта времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а наместа ќе имаме и поинтензивни процеси со повремен пороен дожд, невреме и со појава на град. Ова нестабилно време ќе се задржи и во текот на ноќта и утре во претпладневните часови. Ќе имаме повремени врнежи од дожд, локално поројни проследени со појава на грмежи и услови за ретка појава на град. Утре особено долж повардарието и во источните делови ќе дува засилен а повремено и силен ветер од северен правец, кој локално ќе надминува и брзина над 60 километри на час, а дневната температура значително ќе опадне од 6 до 9 степени. Денес максималната температура за штипскиот регион до 33 степен, а ввеќе до текот на утрешниот ден до 24 степен. Значи веќе утре во попладневните часови до крајот на денот ќе имаме целосно разведрување, стабилизирање на времето со тоа што во сабота наутро ќе имаме нешто пониска утринска температура, ќе имаме стабилно време во деновите од викендот, малку посвежо со дневна температура која ќе биде по интервал за источниот регион за 25 до 29/30 степени целзјусови. Од понеделник во новата работна седмица ни следува период на стабилно време и веќе повторно пораст на дневните температури, вообичаени за месец јуни, во интервал од 27 до 34 степени. Нашето подрачје е под влијание на ладен фронт кој се спушта од север, имаме и зголемено количество на влага во атмосферата и доваѓа до овие поинтензивни процеси со локално појава на грмежи, засилен ветер и локачно пооболен пороен дожд и со појава на град.“- Јулијана Фиданоска Мишкоска
Фиданоска најави дека од викендот следува стабилизирање на времето, а од понеделник постепен пораст на температурите до вредности вообичаени за јуни. Таа е децидна дека причина за наглата промена на времето е продорот на студен фронт од север, во комбинација со зголемена влажност во атмосферата, што создава услови за нестабилност, грмежи, силен ветер, пороен дожд и локална појава на град.
Според прогнозите, ова краткотрајно заладување ќе донесе освежување, по што времето повторно ќе се стабилизира и ќе следува постепен пораст на температурите
Дајана Сандева, М-Нет