
Проблемот со протестите за депонијата во Кочани добива регионални размери. Општина Виница сѐ уште нема каде да го депонира сметот од градот и околните населени места. На Совет се донесе одлука ѓубрето да се носи на локација меѓу селата Драгобраште, Пеклани и Блатец, но се чека одобрување од страна на Министерството за животна средина. Но, како што вели директорот на ЈП „Солидарност“ Виница, ова ќе биде само времено решение. Во случај да се донесе одлука да почнат да се отвораат веќе затворените депонии тогаш ќе има нови блокади во сите населени места.
„Сега имаме една блокада во Кочани. Ако се поништи тој договор и се донесе нова одлука да се реактивираат старите депонии кои веќе се затвроени тогаш верувајте дека ќе имаме блокади во секое населено место. Ова што сега ни се случува на Виница, Облешево, Кочани и Зрновци во иднина ќе се случува во Каменица и Делчево, Берово и Пехчево.“ – вели Спасовски.
И додека од една страна се бара алернатива каде да се депонира ѓубрето, од друга страна населението од посочената локација за изѓубрување е против оваа одлука.
„Делегации од населените места Драгобраште, Пеклани и Трсино утринава беа на состанок кај градоначалникот и тие во никој случај не дозволуваат да биде депониран комуналниот отпад на таа локација. Единствено решение е да продолжиме да го депонираме отпадот на депонијата во Кочани“ – додава Спасовски.
Во меѓувреме кочанчани веќе петти ден по ред протестираат, односно не дозволуваат да се депонира сметот на депонијата во Кочани. Тоа е и главното барања кое треба да биде исполнето со цел да престанат блокадите. Денеска се предвидени неколку состаноци со цел да се најде трајно решение и со депонијата, но сега и со насобраниот смет во Кочани, Чешиново Облешево, Виница и Зрновци.
Лаура Стојанова М-Нет