Пензионерите од Свети Николе и Штип повторно на протест, бараат оставка од претседателката Трајковска

Пензионерите од Свети Николе и Штип денеска повторно излегоа на мирен протест со барање оставка на претседателката на здружението на пензионери на Македонија, Станка Трајковска. Велат дека таа не ги поддржала во нивните барања за линеарно покачување на пензиите и затоа бараат или да биде разрешена или да си поднесе оставка.

„Сега истите тие пензионери бараме разрешување на госпоѓата Станка Трајковска од функцијата претседател или нејзина оставка. Таа не ни даде поддршка за линеарното покачување туку беше за процентуално покачување на пензиите. Ние сме околу 250 илјади пензионери кои земаат околи 18 до 20 илјади денари пензија, немаме веќе доверба и потреба од нејзе како претседател.“ – вели Стаменов.

Освен оставката на Трајковска, пензионерите имаат и други барања кои треба да бидат исполнети. Прашуваат каде се парите кои ги земаат пензионери од Косово, посочуваат дека треба да се усогласи минималната пензија, како и да се намали прагот на влегување во пензија од 15 на 5 години.

„Во Законот е ставено дека треба 70% од просечната плата, 30% да биде минималната пензија, тоа е некаде околу 20 илјади денари. Треба да се намали прагот на влегување во пензијата од 15 на 5 години.“ -вели Митев.

Пензионерите посочија дека ќе одат на состанок во Скопје, со цел исполнување на нивните барања. Во спортивно додаваат дека протестите ќе бидат се почести.

Лаура Стојанова М-Нет