Ќе се реконструира три и пол века стариот Камен мост во штипската населба Осми ноември

Најавена реконструкција за три и пол века стариот Камен мост во Штип. Емир Ќучук-Султановиот мост или познат само како Камениот мост изграден уште во 1672 година и по толку време сѐ уште ги опслужува штипјани како еден од премините преку река Брегалница. Иако е реновиран неколкупати, а во последно време повторно се забележуваат оштетувања, како на коловозот, така и на тротоарите од двете страни и заштитната ограда, сепак останува еден од најфреквентните мостови во Штип, кој е од голема потреба за жителите. Токму затоа, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на денешната прес-конференција посочи дека се работи на проект преку кој се предвидува реконструкција на овој мост.

„Дополнително, работиме на проект за ново сообраќајно решение пред угостителскиот објект „Мал одмор“ и веќе се работи на нов проект со конзерваторско мислење за реконструкција на Камениот мост со нова ограда и нови канделабри, со што целиот овој потег практично ќе добие еден функционален и модерен изглед“, истакна Јорданов.

Мостот во населбата Осми ноември е еден од трите премини преку река Брегалница во овој дел на Штип. Вториот мост беше изграден пред шеесетина години во близина на градскиот стадион и Автобуската станица, а пред три години поради фреквентноста и сообраќајниот метеж се јави потреба и за изградба на нов мост, кој го поврзува влезот на Штип, индустриската зона, населбите Железничка и Пребег со населбите Баби, Сењак и Дузлак, а кој го доби името „Иднина“. Во градот на две реки, на Брегалница има уште два премина, мостот во Ново Село, изграден во минатиот век, и мостот на излезот на градот кај бањата Кежовица.

Ребека Спасова М-Нет