
За околу три месеца Штип ќе добие подземни контејнери на две локации. Кај паркот „Макфест“ и позади стоковната куќа „Нама“ се локациите за кои општинската администрација започна да ја подготвува техничката документација, а ваков сад за одлагање отпад се предвидува и за уште една локација.
„Во овој момент од страна на Општината во тек е постапка за изработка на основен проект со ревизија, којшто претставува техничка документација и предуслов за отпочнување на постапка за издавање решение за поставување на два од предвидените контејнери и тоа едната локација е на улица „Тошо Арсов“, позади хотел „Оаза“, а втората локација за којашто е започната постапка за изработка на основен проект се наоѓа на улицата „Кирил и Методиј“ или позади стоковна куќа „Нама““, истакна Лазар Хаџи-Николов, раководител на Одделение за урбанизам при Општина Штип.
Техничката документација треба да се обезбеди за еден месец, потоа ќе се спроведе јавна набавка за изведувач кој ќе го реализира поставувањето на подземните контејнери. Ова како целосна постапка се предвидува да трае најмногу три месеца.
„Во очекување сме, некаде отприлика за месец, месец и половина најмногу, да ја имаме обезбедено техничката документација и да ја спроведеме управната постапка за добивање решение за поставување на овој тип на подземни контејнери со што веднаш потоа би можело да се изврши набавка на изведувач за изведба, односно поставување на самите објекти“, додава Хаџи-Николов.
Граѓаните и претходно посочија дека потребата од подземни контејнери е огромна за подобра хигиена во градот. Условите за продоложување на оваа постапка се овозможија по одлуката на Советот на Општина Штип, каде на седница во декември 2022 година се утврдија три локации за поставување на подземни контејнери.
Ребека Спасова М-Нет