Клековски ги празни базените што ги отвори Мицкоски, а единствениот ПЕТ-скенер стои без суровини, онколошките пациенти повторно чекаат, велат од СДСМ

Од СДСМ посочуваат дека единствениот државен ПЕТ-скенер не работи повеќе од еден месец.

Онколошките пациенти, додаваат од оваа партија, повторно чекаат, повторно се праќаат на приватно, повторно плаќаат илјадници евра за дијагностика без која не може да се води терапија.

„Министерот Клековски вечерва објаснува дека скенерот „не е расипан“, туку дека за време на редовен сервис откриле проблем со циклотронот, дека нема суровини, дека маслото е во рестриктивен режим, дека треба дозволи од Белгија и Америка, дека Муцунски лично се јавува во Брисел“.

За СДСМ, ова не е објаснување туку, акко што нагласуваат, признание за аматерски пристап кон единствената јавна дијагностика од овој тип во државата.

„Циклотронот и ПЕТ-скенерот се еден систем. Без радиофармацевтик скенерот е мртва машина.

Проблемот да се открие дури кога апаратот веќе е во сервис значи дека нема постојано следење, нема залиха на критични материјали, нема план Б.

Кога станува збор за нуклеарна медицина и за пациенти со рак, таквото „ќе видиме кога ќе дојде сервисерот“ е неодговорност“.

Според СДСМ, пациентите не можат да чекаат извозни дозволи.

„Полуживотот на материјалот е краток. Тоа го знае секој што се занимавал сериозно со оваа област.

Во исто време Владата сече ленти на базени. Премиерот ги отвора. Потоа министерот за здравство ги повикува граѓаните да ги испразнат базените и коритата поради западнонилската треска.

Слика на целосен циркус: пари и камери за објекти кои потоа се празнат, а за единствениот ПЕТ-систем во земјата нема ни основна залиха и превентива.

Сериозен пристап изгледа поинаку.

Прво, договорот за одржување не е формалност. Мора да опфаќа и циклотрон и скенер, со задолжителна залиха на критични потрошни материјали и со рокови што не зависат од „ќе се јавиме во Брисел“.

Второ, алтернативното снабдување со радиофармацевтик од соседните земји се активира веднаш, не по еден месец застој.

Трето, јавноста и пациентите добиваат точен датум и број на чекање, а не изјави дека „многу скоро ќе објавиме кога ќе почнеме““, посочуваат од партијата.

Сериозна влада, нагласуваат од таму, планира, а не се фали со бројки од минатата година додека оваа година системот стои.

„Ова не е технички инцидент туку начин на управување. Пациентите со малигни заболувања не се ставка што се решава кога ќе се сети министерот.

Тие имаат право на дијагностика во јавното здравство, на време, без да продаваат имот за приватен преглед.

Додека трае овој застој, одговорноста е јасна. Не кај сервисерот. Кај оние кои две години управуваат со системот и повторно дознаваат за проблемот дури кога машината веќе не работи“.

Текстот Клековски ги празни базените што ги отвори Мицкоски, а единствениот ПЕТ-скенер стои без суровини, онколошките пациенти повторно чекаат, велат од СДСМ е превземен од МАКФАКС.