Ќе се подобри ли ситуацијата во текстилството – европските брендови заминаа да работат во Бангладеш

Нема индикации за подобрување на текстилната индустрија и оваа година, споредебено со претходната. Европските брендови заминаа да работат во Бангладеш, Виетнам и слично, па претпоставките се дека годинава ситуацијата може да биде и полоша.

„Јас мислам ништо подобро нема да е од 2025 година, можеби и полошо, затоа што текстилот ја изгуби својата конкурентска способност во однос на далечниот исток и нема европски бренд кој не замина да работи во Бангладеш, Виетнам или во Јан Мар.“ – вели Димитров.

Текстилната индустрија, производството на облека и кожарската индустрија имаат најголем пад. Моментално има околу 20 илјади работници во производството на облека, но проблем е што не се купуваат нови машини и не се зголемува бројот на работници. Пред се се шијат брзи серии, бидејќи останатите се на места кадешто работната рака е многу поевтино платена за разлика од кај нас.

„Шијат и кошули, и женски блузи и панталони, но шијат само мали серии, брзи серии каде партнерите наши бараат брза испорака, додека сите поголеми налози се шијат на места каде платите се уште се 150 долари по човек. Ние имаме поголема продуктивност некаде околу 20 до 30%, но имаме и 300% поголеми плати.“ – вели Димитров.

Само изминатата година се затворија над десет текстилни компании, најмногу во Штип и Делчево, а работниците останаа без неколку плати.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет