Работнички ќе биде во нов лик – новиот тренер Муарем Муарем ќе има тешка задача за опстанок!

ФОТО: ФК Работнички

Работнички кој есенскиот дел го заврши на претпоследното 11-то место на табелата во Првата лига со само седум освоени бодови го очекува тешка пролет за опстанок.

Тимот досега потврди разделба со неколку фудбалери со што „романтичарите“ во пролетниот дел ќе изгледаат во поинаков лик. Џелил Асани, Демир Емери, Калани Амлеида, Амир Велиќ, голманот Васко Василев, Виктор Велкоски и Флоријан Кадриу нема да го носат дресот на Работнички во пролетниот дел.

Тоа само потврдува дека во следниот период Работнички ќе треба да ги промовира новите засилувања, а со тоа тимот да биде во поинаков лик од есенскиот дел, а пред се со цел да може да се стабилизира резултатски, да започне да победува и да стигне до својата цел – опстанок во Првата лига.

Од друга страна Работнички промени и најмногу тренери досега кај прволигашите. Започна со Бојан Марковски, потоа на негово место дојде Алпарслан Ердем, а на местото на турскиот стратег пристигна Србинот Ален Тупајиќ, а сега тимот го промовираше Муарем Муарем како четвртото тренерско решение со што се очекува од новиот тренер стабилизирање на резултатите и тимот од Дебар Маало да започне да нижи победи во битката за опстанок.

Минатата сезона Работнички се бореше за титула и излез во Европа, а сега се бори за опстанок во Првата лига.

Поради кратењето на Првата лига последните три екипи испаѓаат директно, а пак екипите кои ќе бидат на деветтото и осмото место ќе играат бараж за можен опстанок во фудбалската елита на Македонија.

Александар Ванев, М-Нет