
Цените на млечните производи по маркетите вртоглаво растат, а за произведувачите откупната цена е двојно пониска за разлика од продавниците. Според сточарите од малешевијата производството на млеко станува се понеисплатливо, бидејќи трошокот да се обезбеди храна за добитокот е огромен, а откупната цена стагнира со години. Според податоците на ресорното Министерство просечната откупна цена на млекото лани пораснала само 0,6 %, додека на дел од добиточната храна и за 62 %. Над 800 денари е цената на мешаниот кашкавал во продавниците, а произведувачите го даваат за нешто повеќе од 400 денари.
„Браво, нека им е наздравје. Јас го продавам по 400 денари, па им се гледа скапо, браво нека оди, а ние можеби ќе издржиме уште една две години, ама ако продолже вака ниту една година нема да биде. Јас со тие осум 12 крави кои ги чувам школувал сум студенти, а сега нема ниту за храна на стоката“
Маката и трудот на сточарите никој не ја вреднува, вели сточарот Никола Симоновски. Тој сака да чува крави, но неисплатливо е. Храната оди во нагорна линија, а не се исплатени ниту субвенции за две години. Ситуацијата на сточарите вели е доста тешка.
„Може да се помогне, нема субвенции за две години, крмата е преку 22 денари, месото без пари. Како ќе живееме. И тој што сака да чува, нема да чува“ -вели Симоновски.
Сточарите од Малешевијата велат ако продолжи ваквата ситуација во државата ќе се излезе и на протест, со цел да се слушнат нивните барања кои во моментот се повеќе од реални.

„Имаме најава за штрајк, ако не ја качат цената на млекото. Сега во маркетите млекото се качува и кашкавалот, нашите се со иста цена. Месото се качува, нашето пак е исто.
Бројот на крави последните пет години се намалил за близу 30.000 грла, а податоците на Заводот за статистика покажуваат дека лани во земјава се произведени над 326 илјади литри млеко, кое и најниското производство во последните десет години.
На денешната прес конференција, Министерот за земјоделие, Љупчо Николовски истакна дека во 2023 година ќе се влезе без долгови. Свесен е дека доцни исплатата на субвенициите за сточарите, но до Нова година ќе бидат исплатени сите субвенции. За цената на млекото потенцираше дека не се министерство кое може да одлучува колкава ќе биде истата.
Лаура Стојанова М-Нет