ЈП „Исар“ менува водовод и канализација на ул. „Браќа Даневи“, потоа улицата ќе се реконструира

Улицата „Браќа Даневи“ до крајот на месец август ќе добие целосно променети водовод и канализација. Како што и досега беше пракса, на улиците прво ќе се врши промена на водоводот и канализацијата, а потоа и реконструкција. Освен оваа, ваков третман ќе добијат и улиците „Солидарност“ и „Петти конгрес“ во Штип.

„Се работи на реконструкција на водовод и канализација на улицата „Браќа Даневи“. Канализацијата е во должина од 270 метри, а водоводот е во должина од 200 метри. Проценетата вредност е 1.600.000 денари. Нашата проценка е дека ќе биде завршено до крајот на месец август“, истакна директорот Здравков.

Промената на водоводот и канализацијата на улицата „Браќа Даневи“ ќе ја врши ЈП „Исар“ согласно со својата програма, но водовод и канализација на улиците „Солидарност“ и „Петти конгрес“ ќе менува економски оператор. Според градоначалникот Јорданов, ваквата одлука е со цел побрзо завршување на активностите.

„Она коешто денес ние започнуваме да го правиме е промена на подземната инсталација на застарената водоводна и канализациона мрежа од буџетот на Општина Штип, преку ЈП „Исар“, а веднаш потоа освен улицата „Браќа Даневи“ ќе се врши реконструкција на подземната инсталација на улиците „Солидарност“ и „Петти конгрес“. Исто и овде ќе се врши промена на водоводната и канализациона мрежа, сè со цел проблемот со честите дефекти коишто се случуваат во овој дел градот да бидат минато. Онака како што ветивме, секаде каде што имаме план за реконструкција на улиците, ќе вршиме прво промена на водоводната и канализационата мрежа. На оваа улица промената ќе ја врши ЈП „Исар“, а на останатите две економски оператор“, истакна Јорданов.

Сите три улици, по промената на водоводот и канализацијата, ќе бидат реконструирани со финансиски средства обезбедени преку проект на Светска банка.

Ребека Спасова М-Нет