
Ново идејно решение треба да го разубави плоштадот „Тошо Арсов“ во Штип – простор помеѓу Домот на култура и Ликовната академија при УГД Штип. Уметниците Марјан Стојаноски од Прилеп и Ристе Мицевски од Штип се главните виновници кои во пракса ќе ја реализираат идејата – повеќенаменското, уметнички – стилизирано катче да биде уредено со мозаична инсталација. Целата идеја е на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
„Имајќи предвид дека ова катче не е уредено, туку само е асфалтна површина, дојдовме идеја да направиме една интервенција во уметнички простор со двајца уметници, Марјан Стојановски од Прилеп, којшто би требало да ја изведе склуптурата, и Ристе Мицевски од Штип, чијашто задача ќе биде уредувањето на површината. Она што е битно е дека овој плоштад ќе има едно уникатно решение, односно ќе биде паметен плоштад којшто ќе користи сопствени извори на енергија и да не троши дополнителни енергетски од самата Општина или од парите на граѓаните, што значи самиот да се одржува од себе“, истакна директорот на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, Горан Трајков.
На идејата се работи веќе подолго време, а во моментов се изнаоѓаат ресурси коишто би се користеле во реализацијата. Според директорот Трајков, проектот нема да го работи само националната установа, туку ќе биде побарано да придонесе и Општината преку јавните претпријатија, како и приватни компании.
„Оваа идеја е започната, се работи на неа малку подолго време. Се осмислуваше просторот, сега веќе преминуваме кон архитектонското решение и сите негови атрибути коишто гравитираат, за тоа кои материјали ќе се употребуваат. Она што го знаеме и може да го кажам, материјалите ќе бидат веќе употребувани коишто не се користат. Додека материјалите, канделабрите и сите оние работи ќе бидат предмет на партнерства помеѓу Општината, приватните компании коишто сакаат да донираат за да го направиме овој уметнички плоштад „Тошо Арсов““, додаде Трајков.
Тоа колку финансиски средства ќе бидат потребни за реализација на овој проект дополнително ќе се знае. Дел се аплицирани преку Министерството за финансии, друг дел ќе бидат побарани преку Општината и приватни компании со цел соработка за оплеменување на просторот.
Ребека Спасова М-Нет