
Пуштено во употреба новото игралиште во штипската приградска населба Три Чешми. Нови тартан подлоги, осветлување, спортски реквизити доби ова игралиште кое ќе биде во функција за граѓаните, а средствата се обезбедени од буџетот на Општина Штип. Дополнително ќе се работи на хортикултурно уредување на просторот околу игралиштето.
„Овде денес го пуштаме во употреба спортското игралиште кое е во вредност од два и пол милиони денари пари на граѓаните од Буџетот на Општина Штип. Претходно овде се работеше на поставување на специјализирана тартан подлога, спортски реквизити, санација на оштетената и дотраена ограда околу спортското игралиште и поставување на целосно осветлување односно на рефлектори. Целта на ова игралиште е сите спортисти, сите оние кои сакаат да рекереираат во населба Три чешми да имаат едно катче, место кое ќе го користат, ќе спортуваат и ќе рекреираат“ – кажа Јорданов.
И додека од една страна нов изглед добиваат игралиштата во приградските населби како Три Чешми, Баби, Железничка и Ново Село, поставените детски реквизити во централното градско подрачје стојат искршени. Граѓаните регираат, Јорданов истакна дека е свесен за ситуацијата и се работи на решавање на проблемот.
„Со години наназад не само спортските терени, туку и детските реквизити кои се користат од најмладите генерации се уништени. Ние започнавме со една динамика на реконструкција. Очекувам во текот на оваа година најголем дел од детските реквизити кои се поставени да бидат обновени, реконстриурани“ – додаде Јорданов.
Истовремено, нови спортски игралишта ќе добијат и населбите Осми Ноември, Сењак и Дузлак кои ќе бидат со вештачка трева, за да можат да ги користат и да се подобри спортската инфраструктура во Штип.
Лаура Стојанова М-Нет