
Пред два дена немаше услови за асфалтирање денеска се создадоа, градоначалникот на Штип , Иван Јорданов денеска на почетокот на асфалтирањето на улиците во „Автокоманда“ потенцираше дека откако работите се обелоденија од нивна страна Министерството за транспорт и врски започна со асфалтирање.
„Денешното асфалтирање само го потврдува тоа на кое укажував изминатите денови, дека се создадени сите предуслови. Одговорот кој во изминатиот период го даваше Министерот за транспорт и врски беше дека Општина Штип е виновна заради тоа што нема услови за асфалтирање. Се поставува прашањето, како пред два дена немало услови а денес има услови кога ги обелоденивме во јавноста записниците од надзорот и од комисијата која потврди дека Општина Штип инвестирала ги завршила работите и дека следната фаза најлесната фаза која трае неколку дена, а тоа е асфалтирањето е обврска на изведувачот.“ – вели Јорданов.
Во оваа прилика Јорданов се извини на граѓаните од улиците во „Автокоманда“ што заради разни причини долг временски период газат во кал и прашина. Очекува истото да го напарви и Министерот Бочварски кога ќе се слика на улиците.
„Независно кој придонел за ваквата ситуација јас од мое лично име се извинувам затоа што граѓаните неколку месеци газеа во кал и прашина. Исто така очекувам и од страна на Министерот за транспорт и врски да ја искористи приликата кога ќе дојде да се слика со овие улици да се извини на граѓаните, не да презентира дека со негови пари се асфалтираат овие улици“ -додава Јорданов.
Улиците „Браќа Даневи“, „Солидарност“ и „Петти конгрес“ веќе долг времеснки период се покриени с кал и прашанина. Претходната година општината имаше обврска да заврши со подземната инсталација на овие улици, а Министерството за транспорт и врски со нивно асфалтирање.
Лаура Стојанова М-Нет