Јорданов: Бунарскиот систем во Штип не е уништен, останува како алтернативно решение

Бунарскиот систем во Штип не е уништен, туку е задржан како алтернативно решение за водоснабдување на градот. Градоначалникот Иван Јорданов ги демантира тврдењата дека системот е уништен. Како што вели тој, бунарскиот систем има капацитет до 200 литри во секунда, додека постоечкиот капацитет од ХС „Злетовица“ е 300 литри во секунда. Според Јорданов, потребниот капацитет за водоснабдување на градот не може да се задоволи само од бунарскиот систем поради неговиот ограничен капацитет.

,,Кога ќе го пуштеме во употреба паркот Иднина, пред вас медиумите да го презентираме бунарнскиот систем, дека не е уништен и дека функционира, но заради таа хистерија, која некој лажно ја презентира во градот, сакам да ги демантирам таквите зли јазици, кои во изминатиот период и денес денеска манипулираат со јавноста дека некој уништил бунарски систем, не е точно! Сакам да појаснам дека бунарскиот систем Општина Штип го има задржано и стои како алтернативно решение за водоснабдување. Постарите штипјани знаат дека бунарскиот систем има одреден капацитет од не повеќе од 200 литри во секунда, не повеќе. Постоечкиот капацитет на градот Штип е 300 литри во секунда од ХС Злетовица. Градот Штип е различен од пред 15 години. Градот има 30 проценти поголема потрошувачка на вода од пред 15 години. Градот има 30 проценти повеќе објекти од пред 15 години, градот од година во година расте и се развива и тоа така ќе продолжи. Штип ќе биде административен и географски центар на источна Македонија. Капацитетот кои што е потребен за водоснабдување на град Штип не може да се задоволи од бунарскиот систем затоа што има ограничен капацитет од не повеќе 180 до 200 литри во секунда.“, рече Јорданов

Штип досега немал случај да остане без вода повеќе од 24 часа, вели Јорданов. Бунарскиот систем е оставен како опција доколку градот остане без вода, но не може веднаш да се пушти во употреба. Водата прво треба да се филтрира и да помине три последователни тестирања во Центарот за јавно здравје, па дури потоа да се приклучи на водоводната мрежа.

„Затоа е потребно поголема количина на вода од ХС Злетовица која се користи. Го задржавме бунарскиот систем како алтернативен за доколу имаме елементарна непогодна, неколку денови недај Боже градот да остане без вода, да го вклучиме бунарскиот систем во системот за водоснабдување. Но тие кои што се експерти, знаат дека за да исклучиш еден систем за водоснабдување, па да биде вклучен нов систем, е потребно најпрво филтрирање на истата вода, три последователни тестирања во центарот за јавно здравје, кои ќе потврдат дека водата е бактеоролошки и хемисики исправна, па потоа да биде ставена во водоводниот систем, за да не ни се случи тоа што се случи во Гостивар. За да се заврши тој период се потребни неколку денови. Ние не сме имале случај да Штип остане повеќе од 24 часа без вода. “, вели Јорданов

Јорданов дополнително појасни дека не може во неколку часа да се исклучи еден систем и да се стави друг систем, поради самиот начин на филтрација, начинот на употреба и потребните дозволи, пред се заради здравјето на граѓаните.

Иван Митев, М-Нет