
Околу осум месеци Јовица Тодоров од Крупиште се грижи за децата на неговиот брат. Брат му починал минатата година, а претходно починала и неговата снаа, па двете возрасни деца со посебни потреби биле оставени сами на себе. Тодоров заедно со неговата сопруга ја земаат во свои раце одговорноста за своите внуци, но како што вели тешко е, бидејќи и тие се луѓе со болести и не моќат во целост да се грижат за своите внуци.
„Мојот брат почина, децата се оставени на милост и немилост, јас се грижам осум месеци за нив. Не се работи за пари, јас го изгубив мирот. И јас и мојата сопруга сме болни луѓе, а на тие деца им треба нега. Со нив треба да има човек постојано, децата не се способни самостојно да се грижат за себе си.“ – вели Тодоров.
Имаат куќа за живеење, земаат социјална помош, ама бадијала е кога не можат сами ниту да јадат, ниту да се грижат за себе – вели Тодоров. Потребно е постојано да има човек со нив кој ќе им подготвува храна, ќе им помага и ќе се грижи за нив.
„Децата имаат своја куќа, ама потребен им е човек кој ќе се грижи за нив“ – вели Тодоров.
Случајот е пријавен и во центарот за социјални работи Штип. Како што вели чичкото бара само смествување и грижа за неговите внуци, да не останат оставени сами на себе.
„Од социјалното бараме да ги згрижат децата некаде.“ – додава Тодоров.
Од Центарот за социјални работи Штип велат дека се запознаени со случајот и дека подолг временски период работат на истиот. Испратено е барање до регионален ценатр за смествување, ама одговорот бил дека нема слободно место. Ваков центар во Источниот дел од државата нема, па мора да се чека слободно место во Велес или Неготино. Од центарот за социјални работи Штип децидни дека тие ќе го решат случајот, а дотогаш велат одговорноста останува на роднините на децата.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет