
Загадениот воздух во македонските општини е честа појава секоја грејна сезона. Во пресрет на оваа зима, министерката за животна средина, Каја Шукова, вели оти мерки за намалување на загаденоста се преземаат постојано. На повеќето јавни објекти нееколошките системи се заменети со еколошки системи, но она на што постојано се апелира е граѓаните да престанат да користат екстремно штетни горива.
„Постојано се спроведуваат мерките. Таму каде што може да интевенира државата и Општините, тоа се јавните објекти. Меѓутоа, ние неколку пати посочуваме, мора и граѓаните да почнат да користат поеколошки системи за затоплување, особено оние граѓани, знаеме дека има случаи, што се затоплуваат на старо отпадно масло, се гори пластика, се горат гуми. Постојано апелираме, особено пред започнување на грејната сезона, дека ваквите материи се апсолутно нееколошки и влијаат врз здравјето на граѓаните“, вели Шукова.
Ректорот на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски, вели дека во такви случаи и внатрешниот простор може да биде дури за петпати или десетпати позагаден од надворешната средина. Загадувањето може да се намали доколку не се користат стари печки, а граѓаните да се греат со дрва или пелети коишто се многу поеколошки.
„Сите горива што ги спомена министерката, од моторно масло до пластика, имаат екстремно опасни емисии. Дури и старите уреди за греење на дрва, коишто не се херметички, немаат добар систем на исфрлање на гасовите и на честичките, можат да бидат ексртемни извори на загадување и може да имаат многу негативен ефект врз здравјето на луѓето“, вели Мираковски.
Шукова вели дека контроли на терен има постојано. Државата има надлежност да ги контролира А-инсталациите, а контролата на Б-инсталациите е во надлежност на локалните инспектори. Сепак, законскиот систем, вели Шукова, не дозволува да се влезе во домот на граѓанинот и да се провери со што се грее, па оттука и апелот до граѓаните.
Ребека Спасова М-Нет