
Повратникот во Втората лига, екипата на Слога Виница, не само што се соочува со длабока резултатска криза, туку очигледно има и други проблеми.
На натпреварот од 9. коло екипата на Слога на домашниот терен во Виница беше поразена од Кожуф со 0:2 во меч кој го следевте на М Нет телевизија, Слога на овој меч настапи само со младинци и домашни фудбалери, искусните првотимци ги немаше воопшто на теренот, но ниту на записникот.
Очигледно во Слога Виница има и други проблеми, а дополнително е тоа што и тренерот Емил Грнев замина.
Слога Виница имаше само четири фудбалери на клупата за резерви, а настапи со млади играчи. Максим Краљевски беше на голот, потоа Андреј Воинов, Октај Амедов, Михаил Воинов, Роберт Пецов, капитенот Александар Илиев, Булент Сали, Андреј Дончев, Христијан Ристов, Давид Спасов и Андре Андреев.
Поискусните фудбалери од Слога заминале поради неисплатени плати, па клубот ќе мора да продолжи со младинци.
Тимот од Виница е во длабока резултатска криза со тоа што е на претпоследното место со само три освоени бодови од можни 27, а учинокот е една победа која беше очекувана над Големо Коњари, а се останато е порази односно една победа и осум порази.
Во следното десето коло Слога Виница ќе гостува кај Вардар во Неготино, а домаќинот ќе гледа идеална шанса за триумф на домашен терен и да го искористи моментот во кој е тимот од Виница за три бодови во битката за опстанок.
Александар Ванев, М-Нет