Штипјани согласни – да се украси градот минимално и да се внимава на кризата

Треба ли и Штип да се откаже од новогодишното украсување по примерот на неколку општини кои веќе го сторија тоа? Градоначалникот сѐ уште не одлучил, а граѓаните се со поделено мислење. Дел од анкетираните се откажаа од новогодишниот изглед на градот ако тоа би имало позитивен придонес за актуелната криза, други, пак, цврсто стојат на ставот дека празнична атмосфера треба да има. Сепак, како што велат, и да се украсува, треба тоа минимално да се направи.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, рече дека сѐ уште не се подготвени за новогодишен дочек и украсување. Ситуацијата дополнително ќе ја разгледуваат и ќе се координираат. Меѓутоа, напомена дека ќе се внимава на енергетската и финансиската криза.

„Да бидам искрен, сѐ уште ја немаме погледнато овогодинешната програма за украсување и дочек на Нова Година, колку средства се предвидени и колку средства ќе бидат планирани. Мораме да направиме дополнителна координација. Она коешто нѐ затече сите нас е енергетската криза на којашто мора да се прилагодиме, не само енергетска, туку и финансиска. Она коешто се очекува од нас е да ги рационализираме трошоците, но и да направиме еден скромен амбиент за нашите сограѓани да имаат достоен пречек“, истакна Јорданов.

Да се откажат од украсувањето одлучија неколку општини во државата, меѓу кои прв беше и град Скопје, каде новата градоначалничка, Данела Арсовска, го раскина договорот во вредност од 240.000 евра.

Ребека Спасова МНет