Штипските градинки имаат просторни услови, но не и вработени кои ќе ги згрижуваат децата

Штипските градинки започнаа со уписите на дечиња, ама сѐ помалку има кој да ги згрижува. Овојпат за листата на чекање не е причина недостатокот на просторни услови, туку тоа што нема вработени кои ќе ги чуваат дечињата во групите. И покрај тоа што неколкумина од нив веќе заминале во пензија, во престојниот период тоа ќе се случи со уште четири вработени во детската градинка „Вера Циривири – Трена“. Директорката, Ивана Ангеличкова, вели дека во пензија заминуваат две воспитувачки и две негувателки, што значи две групи дечиња помалку.

„Голем дел од родителите ги пуштаат дечињата од 1 септември, па така и кај нас од листата на чекање којашто беше правена во текот на летото сега се пополнуваат слободните места низ соодветните воспитни групи. Меѓутоа, еве, јавно да им се извинам на сите родители чиишто дечиња нема да можеме да ги примиме, бидејќи се соочуваме со недостаток на вработени. Од нашата детска градинка дел отидоа во пензија и во наредниот период ќе ни се ослободат работни места по основ на пензионирање и од одредена бројка на луѓе. За жал, поради тоа што Министерството не ни дава согласности за вработување, ние ќе мораме тие групи да ги затвориме“, истакна Ангеличкова.

Состојбата е слична и во детската градинка „Астибо“. Директорката, Наташа Мусева, вели дека проблемот со бројот на деца кој се провлекуваше со години е решен со тоа што групите работат со зголемен број на деца. Меѓутоа, и во оваа градинка вработените заминуваат по основ на вработување, а сѐ уште нема согласност за нови вработувања, односно нивна замена.

„Детската градинка „Астибо“ – Штип врши упис и прием на деца за претстојната 2023/2024 година. Изминатите години многу деца остануваа без место во градинката, но последниве години состојбата е нормализирана во соработка со Советот на Општина Штип, каде е донесена одлука сите воспитни групи да работат со зголемен број на деца. Во установата интензивно работи и Комисија за прием на децата која ги регулира нормативите при прием. Во објектите каде постои поголем број на деца, новозапишаните ги упатуваме во останатите наши објекти и со тоа се трудиме сите деца да бидат згрижени. Јавно упатувам апел до родителите да имаат трпение, бидејќи листа на чекање постои само во одредени објекти каде веќе е пополнет бројот на групите.“ – вели директорката Мусева.

Според Законот, за нови вработувања градинките имаат должност да испратат барање до Министерството заедно со соодветна документација која утврдува по кој основ се испразнети работните места. Директорката Ангеличкова вели дека тоа веќе го имаат сторено, но чекаат на согласност од Министерството за труд и социјална политика, како и од Министерството за финансии за да распишат оглас за вработување.

Ребека Спасова М-Нет