Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ со реакција на прилог на Телевизија М-Нет

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје со реакција на прилогот на Телевизија М Нет насловен „Шест лица заболеле од ХИВ/СИДА во месец јули, едно лице е од Кочани”. Реакцијата ја пренесуваме во целост:

„Укажуваме дека овој прилог содржи нејасни и неточни информации, кои можат да поттикнат стигматизација врз основа на ХИВ статусот.

Имено, прилогот пренесува информација од Институт за јавно здравје кој известил дека во месец јули се пријавени 6 случаи на ХИВ. Ова значи дека во месец јули биле дијагностицирани 6 лица, за кои стигнале пријави до Институтот, но не и дека лицата биле инфицирани („заболени“) во истиот месец. Сепак, прилогот е насловен „Шест лица заболеле од ХИВ/СИДА во месец јули, едно лице е од Кочани“, пренесувајќи неточна информација.

Понатаму, укажуваме дека терминот „заболен“ во контекст на ХИВ самиот по себе е непрецизен, бидејќи ХИВ-инфекцијата не значи нужно и дека лицето е болно. Иако ХИВ-инфекцијата претставува хронично инфективно заболување, за повеќето луѓе со ХИВ тоа не претставува искуство на болест – особено благодарение на антиретровирусната терапија, која успешно и долгорочно го потиснува вирусот. Оттаму, посоодветно е за ХИВ-инфекцијата да се зборува како за состојба која се менаџира и со која може да се живее долг и здрав живот, наместо како за болест која начесто се сфаќа како смртна казна. Во таа насока и УНАИДС – програмата на Обединетите нации за ХИВ препорачува да се користат термини како „лица инфицирани со ХИВ“ или „лица што живеат со ХИВ“ наместо „заболени“.

Дополнително, посочуваме дека постои важна разлика помеѓу термините ХИВ и СИДА. Додека ХИВ е вирусот што предизвикува недостаток на имунитет кај човекот, терминот СИДА се однесува на напредниот стадиум на ХИВ-инфекцијата и претставува синдром на стекнат недостаток на имунитет. Затоа, назименичното користење на двата термини може да доведе до недоразбирање и конфузија за самата прогресија на ХИВ инфекцијата. Поради тоа, читателите и слушателите лесно може да ги поистоветат двата термини и неточно да бидат информирани дека ХИВ дијагнозата автоматски означува и стадиум на СИДА – состојба која историски се поистоветува со смрт и сериозно нарушена здравствена состојба. Поради тоа изедначувањето на двата термини поттикнува стигма, непотребна паника и вознемиреност.

Најпосле, апелираме при известувањето за ХИВ, слично како и за други прашања од областа на јавното здравје, да се избегнува сензационалистичко известување. Во наведениот прилог градот Кочани е издвоен од другите градови, што може да предизвика непотребна паника помеѓу населението и повици за несоодветни мерки. Потсетуваме дека ХИВ-инфекцијата не претставува вирус што може да се пренесе преку секојдневен социјален контакт, туку единствено преку специфични активности како што се на пример незаштитени сексуални односи или користење на нестерилни инструменти при инјектирање дрога. Затоа, укажуваме дека конкретното издвојување и нагласување на еден град во случајот со ХИВ воопшто не е од корист за заштита на јавното здравје. Наспроти тоа, ваквите прилози би имале многу повеќе корист за јавното здравје, доколку вклучуваат основни едуктивни информации за начинот на пренос, фактот дека во Македонија е достапна ефикасна терапија за ХИВ со која вирусот се одржува потиснат, а лицата со ХИВ можат да живеат нормален и здрав живот, како и важноста на правењето ХИВ-тест за сите сексуално активни луѓе.“ – стои во реакцијата од Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.