Штипскиот Градски хор 2019, Ансамблот „Тоска“ и Драган и Лина на два фестивала во Шпанија

Ансамблот „Тоска“ заедно со штипскиот Градски хор 2019 и штипските таленти Драган и Лина ќе ги претстават македонските песна и оро. Тимот заминува на два фестивала во Шпанија, едниот во Цијезе, другиот во Алмерија. Од Ансамблот „Тоска“ посочуваат дека на турнејата ќе заминат четириесетина луѓе, зашто тоа е и максималниот број кој го дозволуваат фестивалите. Директорот на Ансамблот вели дека се одлично подготвени.

„Два фестивала, 15 дена, нашата култура ќе биде претставена, нашиот фолклор, нашето оро, нашата песна, нашата музика ќе бидат претставени од нас како единствени претставници од Македонија. Оваа година, да кажам, појачување е и Градскиот хор 2019 – Штип и Лина и Драган Костадинови кои исто така како солисти ќе настапат на Фестивалот. Верувам дека турнејата ќе биде успешна, бидејќи ансамблот е подготвен, во топ форма е и на најдобар начин ќе ја претставиме нашата култура“, вели Баже Џоџев, директор на Ансамблот „Тоска“.

На успешна турнеја се надеваат и од Градскиот хор 2019 – Штип. Баже Лазаревски вели дека заминуваат со два члена помалку, но тоа нема да ги спречи да ја исполнат утврдената програма за фестивалите.

„Градски хор ќе биде во склоп на Ансамблот „Тоска“ како пејачка група, но поединечно ќе исполнува македонски песни. Со нас ќе бидат Драган и Лина, Драган е член на Градскиот хор, свири на хармоника. На Градскиот хор ќе му недостасуваат двајца членови, кои имаат обврски, но се надевам дека задачата ќе биде реализирана и мислам дека турнејата ќе биде успешно завршена“, истакна Баже Лазаревски од Градскиот хор 2019 – Штип.

Следната година Ансамблот „Тоска“ ќе прослави јубилеј од 80 години и директорот Џоџев посочува дека веќе се подготвуваат за одбележување на големиот јубилеј.

Ребека Спасова М-Нет