Голем број верници присуствуваа на осветувањето на црквата Св. Илија во с. Аргулица по 25 години

Голем број верници присуствуваа на осветувањето на црквата Св. Илија во карбинското село Аргулица, кое се случи по 25 години. На литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Брегалнички, г. Иларион, кој посака што повеќе венчавки и крштевки во новоосветениот храм, а порача дека црквата треба да биде молитвено место за спасение на верниците.

„Дај Боже во овој храм што повеќе да има и венчавки и крштевки. Во овој храм повеќе луѓе да се спасуваат, да се соединуваат со Господа преку Светата евхаристија, преку Телото и Крвта Господови. Во денешното Свето евангелие слушнавме кога донесоа еден болен човек кај Господа и апостолите не можеа да го излечат, а Господ Бог кога се доближи, го исцели и рече: „Овој род се истерува со Господ и молитва“, рече Митрополитот Брегалнички, г. Иларион.

Митрополитот Брегалнички посака по примерот на овој храм да се довршат и осветат и храмовите од околните места, па да бидат црква Христова и молитвено место за извршување на Светите тајни. Упати благодарност до сите дарители, ктитори и помагачи на ова, како што го нарече, богоугодно дело.

„Би сакал сега од овој нов новоосветен храм да им се заблагодарам на сите оние коишто го помогнаа ова богоугодно и благословено дело, на сите оние коишто даруваа, на сите оние коишто помагаа и на сите коишто се трудеа и се трудат, се грижат за овој храм, за да биде осветен, заблагодарувајќи им се и посакувајќи им Божји благослов, молитвено застапништво на Св. пророк Илија, да им подари сѐ што им е потребно за спасение, а воедно живот вечен и Царство небесно“, додаде Митрополитот Брегалнички.

Црквата Свети Илија е главна селска црква во Аргулица и се наоѓа на сретсело. Камен-темелникот на црквата бил поставен на 2 август 1998 година од страна на тогашниот Митрополит Брегалнички, а сегашен поглавар на МПЦ – ОА, г. г. Стефан.

Ребека Спасова М-Нет