
Денес беа одиграни натпреварите од 2. коло од Првата македонска фудбалска лига. Втората рунда донесе интересни резултати и многу погодоци во просек.
Тиквеш ја забележа најубедливата победа откако на гостувањето со 0:3 славеше над повратникот Гостивар. Кавадарчани одиграа нов перфектен натпревар и го „збришаа“ составот на Гостивар, кој иако засилен сепак се уште не може да го пронајде патот до позитивен резултат и први сезонски бодови.
Резултатот беше отворен во 40. минута со голот на новото засилување Гал Куреж. Стартот од вториот дел донесе брзо дуплирање на предноста за Тиквеш од 0:2 со голот на Џемаил Ибиши, а точка на убедливата победа стави Иван Ивановски во 64. минута за конечни 0:3.
Брегалница претрпе минимален пораз од 1:0 на гостувањето кај екипата на Македонија Ѓорче Петров. „Лавовите“ во првото коло одиграа блед меч и загубија во Кавадарци, а денес беа подобри, но сепак потешко од очекуваното забележаа минимална победа. „Сините“ од Штип по победата во првото коло против Силекс на домашен терен, денес го забележаа првиот пораз и дома се враќаат со празни раце.
Херој за „лавовите“ беше резервистот Алексеј Славков кој постигна гол во 78. минута од средбата. Во финишот од мечот односно во 85. минута Филип Стојчевски беше исклучен од игра, откако заработи втор жолт картон, а поради недозволени стартови Ристе Темелков заработи два брзи жолти картони во судиското надополнување и беше исклучен од игра.
Вардар го загуби скопско дерби со лутиот ривал Шкупи со минимални 0:1. Повратникот во „елитата“ и по две кола се уште е без бодови, откако и во првото коло во Струмица загуби со минимални 1:0 од Брера.
Чаирчани до победата стигнаа во 79. минута со голот на Нилтон Соарес Родригуес, со тоа Шкупи ја запишува првата победа по поразот од Работнички во првото коло.
Брера ја запиша втората победа во новата сезона, откако денес со 2:0 славеше над дебитантот Воска Спорт од Охрид на домашен терен. Струмичани дефинитивно ќе конкурираат за најдобар гол на сезоната, по Јанкулов во првото коло, сега и Ване Крстев постигна атрактивен еврогол во 15. минута за водство од 1:0 на СЦ „Горан Пандев“.
Целиот меч помина во знакот на неизвесноста, а гостинот од Охрид се обидуваше да дојде до прв сезонски бод и правеше притисок за гол. Сите дилеми беа решени во финиот од мечот, кога во 85. минута Агрон Руфати постигна гол за конечни 2:0.
По поразот во првото коло во Штип екипата на Силекс стигна до победа, откако на својот терен во Кратово славеше со 2:0 над Работнички.
Повратникот Антониот Каланоски уште во 6. минута го отвори резултатот за водство од 1:0 за домашниот тим, а Марјан Ристовски во 21. минута стрелаше за конечни 2:0.
Второто коло ќе биде комплетирано на 30. август со одложениот меч меѓу Шкендија и Струга Трим Лум.