Штипската Гимназија ќе добие нова фонтана на местото на старата нефункционална

Фонтаната кај штипската Гимназија ќе се обнови и местото ќе добие нов лик, истакна градоначалникот, Иван Јорданов, при денешниот увид на градежните активности. Средствата за проектот се обезбедени од Буџетот на Гимназијата, а со истите освен нова фонтана, ќе се работи и на партерно уредување во овој простор.

„Денес заедно со директорката на Гимназијата сме овде да направиме увид. Станува збор за проект којшто е финансиран од страна на Гимназијата за уредување на едно запоставено место, еден зелен појас којшто дополнително ќе се уреди со нови канделабри, урбана опрема, заштитна ограда. Исто така, местото коешто беше предвидено за фонтана којашто подолги години е нефункционална, со оштетена инсталација, сега ќе добие нова модерна фонтана којашто во годините коишто следат ќе биде функционална, како што прилега на едно централно училиште“, истакна Јорданов.

Според директорката на Гимназијата, Весна Ристова, ова ќе значи придонес во целокупната слика на градот, а ќе биде само еден сегмент за подобрување на условите во Гимназијата. Друго на што ќе се работи е поставување на штедливи светилки во спортската сала, а за активностите во дворното место искористени се 2.000.000 денари.

„Отпочна средување, односно партерно уредување на овој дел од дворот на Гимназијата, којшто е во наша сопственост и којшто ќе заличи на едно убаво урбано живеење, не само на нашата Гимназија, туку на целиот град. Сметам дека заедно со градоначалникот ќе направиме едно ново лице на нашиот град“, истакна директорката Ристова.

Како што додава градоначалникот Јорданов, до крајот на годината ќе бидат инвестирани сите буџетски средства со коишто располагаат основните и средните училишта во Штип со цел нивна модернизирација и подобрување на условите.