Штип ќе распише референдум за парите од самопридонесот

Честите дефекти на водоводната мрежа во Штип на маса ги ставија и парите од самопридонесот, кои повеќе од 20 години стојат замрзнати на сметката на Општината. 1,2 милиони евра општината сака да ги искористи за менување на старата и дотраена водоводна мрежа и со тоа да се решат проблемите со водоснабдувањето. За таа цел во Штип ќе се распише референдум за парите од самопридонесот, бидејќи истите се собрани со учество на сите граѓани во деведесетите години за изградба на брана Козјак.

„Да ги консултираме нашите сограѓани заедно со сите политички чинители во нашиот град, да бидат наменети за реконструкција на застарената водоводна мрежа. Важно е здравјето на граѓаните и намалување на честите дефекти кои создаваат проблеми во секојдневието на граѓаните во Штип“ – кажа Јорданов.

„Треба да се направи проект, пресметка, не се само цевките за менување има и други работи кои треба да се работат напоредно со замената на цевките. Тоа е долгорочна инвестиција, која не може во една година финансиски да се издржи, така што ние заедно со локалната самоуправа сме решени да инвестираме, што се вели, под земја, односно да ги заменуваме водоводните линии, затоа што водоснабдувањето е една од примарните дејности на јавното претпријатие, но и затоа што секој граѓанин бара редовно водоснабдување со квалитетна вода“ – изјави Здравков.

Пред средствата да завршат на трезорска сметка, половина милион евра како позајмица ќарија двете јавни препријатија во Штип, но тие пари никогаш не ги вратија. Идеја да се користат средствата од самопридонесот имаа и претходните градоначалници, но ниту еден не се осмели да распише референдум бидејќи немаше политички консензус поради што пропаднаа два референдума за искористување на овие средства. На првиот граѓаните гласаа за спортска сала, а на вториот за брана на река Отиња.

Лаура Стојанова М-Нет