
Третолигашот Шкендија од Арачиново во новата сезона од Третата македонска фудбалска лига – Север ќе биде прв фаворит за освојување на првото место во овој третолигашки регион кој е најконкурентен и со тоа да стигне до баражот за Втората македонска фудбалска лига.
Минатата сезона Шкендија Арачиново заврши на второто место со бод помалку од шампионот Куманово кој го загуби баражот од второлигашот Победа од Прилеп, со што прилепчани останаа во Втората лига, а Куманово останува во Трета лига – Север.
Како што објавивме синоќа вистинска трансфер „бомба“ се случи во Арачиново, откако најдобриот играч на Куманово, Дарио Десниќ се пресели во Шкендија и со тоа прави трансфер во лутиот ривал.
30-годишниот Десниќ кој лани настапуваше за Куманово, во својата кариера има игра за најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, Скопје, Силекс, Борец, Кадино и Тетекс од Тетово.
Претходно, како што веќе објави телевизија М Нет екипата на Шкендија од Арачиново се засили со Бетим Исени, Блерим Мустафа, искусниот голман Бурхан Мустафа кој пристигна од прволигашот Воска Спорт заедно во пакет со искусниот Љупче Трпески, кој исто така доаѓа од охридска Воска Спорт, Христијан Димов, Бујар Илази, Фатмир Арифи, Емре Рамадани, Јусуф Алиу од второлигашот Детонит Плачковица и Борјан Тодоровски, а беше продолжена соработката со некои од играчи од минатата сезона.
Во следниот период ќе очекува во Шкендија Арачиново да пристигнат уште квалитетни играчи, а со тоа овој тим ќе биде главен кандидат за првото место и баражот за Втора лига, а во трката за првото место влегува и актуелниот шампион Куманово, Фортуна, Еуромилк ГЛ, а во трката за прво место ќе се вмеша и БВК Коњаре.
Александар Ванев, М-Нет