Шкендија Арачиново гостува во Кочани – Осогово сака три бодови, Брегалница и Беласица со лесни задачи

Шкендија Арачиново утре гостува во Кочани, каде во рамки на 24. коло на Втора лига ќе игра против Осогово, соочување на две екипи кои играа и во баражот.

Натпреварот доаѓа во момент кога и двете екипи играат во победничка форма. Осогово сега го напаѓа петтото место и сака што повисок пласман на табелата, а пак Шкендија Арачиново ќе бара бодови во Кочани за влез во Прва лига.

Ако се земе фактот дека на тој терен загуби лидерот Охрид, а пак Осогово резултатски убедливо го доби Детонит Плачковица и славеше во Штип над Брегалница, тогаш тимот од Арачиново е свесен дека Осогово игра на високо ниво против екипите кои се борат за Прва лига, па со тоа доаѓа на „жежок“ терен против „жетварите“.

Овој меч ќе го следите во живо на М Нет телевизија и претставува најатрактивниот дуел.

Во останатите мечеви Брегалница ќе има лесна задача на домашен терен против Големо Коњари, Каменица Саса ќе игра на домашен терен против фаворитот Охрид, Кожуф треба да има лесна задача против Слога Виница, Новаци го пречекува Скопје, ова ќе биде дуел исто така кој ќе привлече внимание. „Пиратите“ не смеат да си дозволат уште еден пораз бидејќи конкурентите ќе побегнат на врвот, а Новаци е тим кој сигурно е дека ќе цели на три бодови против Скопје.

Беласица ќе има „сигурни“ три бодови против отпишаната Победа, Тетекс на домашен терен ќе бара три бодови против Преспа, а пак Вардар Неготино ќе се соочи со Детонит Плачковица.

Александар Ванев, М-Нет