Шест ученици од словенечко училиште престојуваат во Штип, посетени повеќе знаменитости

Шест ученици од словенечкото училиште „Колезија“ во Љубљана денеска се на посета во штипското училиште „Димитар Влахов“. Потпишаниот Меморандум помеѓу овие две училишта во 2019 година придонесе да дојде до ваква размена на ученици, со тенденција и ученици од штипското училиште да заминат во Словенија. Директорката на „Димитар Влахов“, Невенка Величкова, вели оти се надева дека посетата за нив ќе биде начин на собирање ново искуство.

„Оваа дружба е резултат на повеќегодишна соработка преку еден вид на работилници на кои работеа учениците и наставниците, а на тоа претходеше меморандум потпишан за соработка помеѓу двете училишта. Еве, денес сме сведоци на овие посети и активности во Република Македонија, а се надеваме во блиска иднина и во Република Словенија“, вели Невенка Величкова, директорка на ООУ „Димитар Влахов“ – Штип.

Во рамки на престојот за учениците се планирани посети на повеќе знаменитости во градот под Исарот, а еднодневната програма завршува со свечена вечера и забава за учениците.

„Го имаат посетено Меморијалниот центар „Киро Глигоров“, следува посета на двата музеја, во градот и во Ново Село. Планираме да ја посетиме тврдината Исар, како и археолошкиот локалитет Баргала. Некаде во попладневните часови се сместуваат кај нивни соученици, односно во фамилија за да можат одблиску да ја видат македонската култура, традиција, начинот на кој живеат учениците во Штип за да веќе во вечерните часови имаме свечена вечера и кратка забава за учениците“, додава Величкова.

„Драго ни е на сите што по една година онлајн комуникација, конечно, се сретнавме и веќе овие два дена се дружиме со децата од Словенија. Тие ќе бидат една вечер кај нас и сите сме среќни, затоа што споделуваме нови искуства“, вели ученичка од ООУ „Димитар Влахов“ – Штип.

„Ние сме многу благодарни што сме овде во Македонија и се надеваме дека во идните генерации ќе имаат можност да го почувствуваат ова. Ние сме среќни што можеме да научиме нешто за други култури, да ги споредиме, исто така за историјата. Едвај чекаме децата од Македонија да дојдат во Словенија“, вели ученик во училиштето „Колезија“ од Љубљана, Словенија.

Учениците од Словенија претходните денови ги посетиле Куманово и Скопје, а во следните денови заминуваат на посета во Дојран, Струмица, Битола и Охрид.

Ребека Спасова М-Нет