
Пинг-понгарите на Шампион ФА од Штип направија значаен исчекор кон големото финале во македонската Супер лига, откако денеска на гостински терен во Прилеп славеа над Младост 96 со резултат 4:2, во првиот полуфинален натпревар за шампионската титула.
Во исклучително неизвесни и борбени мечеви, во кои се водеше жестока битка за секој поен, штипскиот состав покажа карактер, квалитет и тимска сплотеност за да стигне до важна победа пред реваншот.
За Шампион ФА настапија Филип Младеновски, Амелија Уце, Драган Џорџевиќ од Србија и Сашко Богатинов, кој воедно ја има и улогата на играч и тренер, под водство на претседателот Зоран Штрков.
Со оваа победа, штипскиот тим си обезбеди одлична позиција пред вториот полуфинален натпревар, кој ќе се одигра утре, на 25 мај, во салата на СОУ „Димитар Мирасчиев“ во Штип. Во таборот на Шампион ФА владее оптимизам дека со нов триумф ќе обезбедат пласман во финалето и ќе продолжат во битката за шампионскиот трофеј.