Хулигани ноќва кршеле низ Штип, уништени саксии и цвекиња покрај реката Отиња и кај споменикот на Евреите

Непознати хулигани ноќва го пустошеле Штип, кршеле и уништувале саксии со цвекиња покрај реката Отиња. Од утрово глетката е фрапирачка, уништени цвекиња, расфрлана земја, испокршени саксии на сите страни. На мета на вандализмот се наше и цвекињата кои пред само два дена беа положени на споменикот на Евреите во близина на штипскиот музеј. Граѓаните револтирани, велат сцените од утрово се разочарувачки. Со ова однесување велат Европа само на сон, далеку е културата од овој град. Велат доста е, потребни се навистина строги казни, кои ќе бидат воспитна мерка за хулиганите, кои денес кршат, а утре може и да напаѓаат.

Aнкетираните се децидни, овие агресни однесувања произлегуваат од дома. За М-Нет телевизија тие тврдат дека ваквите лица немаат љубов и воспитување дома, па затоа јавниот простор сега изгледа вака. Жалосно е велат, бидејќи ваквите случаи се почести.

Инаку, ваквиот злочин веќе неколку пати само оваа година се повторува во Штип. Овој вандализам се повторуваше и во претходните месеци. Граѓаните и понатаму бараат казни за сторителите за да се стави крај на ваквите злочини, кои ја уништуваат сликата на градот.

Иван Митев, М-Нет