Комеморативен настан, спортски активности, музички перформанс – со богата програма Кочани одбележува една година од пожарот во Пулс

Со литургија за упокоените на која ќе чиноначелствува архиескопот Охридски и македонски господин господин Стефан, и трисаѓи за упокоените на градките гробоишта во Кочани ќе започне одбележувањето на годишнината од пожарот во дискотеката Пулс. Овие настани се закажани за сабота 14 март, а со целодневни активности се продолжува и во недела.

„Недела, 15 март започнуваме со велосипедска тура, трчање, турнир во кошарка меѓу повредените, како и пешачење на Пониква. Во 13:30 часот во паркот ќе се одржи музичко балетски перформанс под мотото Кочани ви благодари. Ќе има концерт, промоција на книга како и заедничко дружење.“ – вели Грозданов.

Во понеделник на 16 Март, настаните започнуваат пред дискотеката Пулс, на местото каде минатата година во катастрофалниот пожар животите ги изгубија 63 лица.

„Во понеделник, 16 март 2026, во 2:15 часот ќе оддадеме почит пред Пулс под мотото 2:32 – светлина што останува. Во 8:30 часот во градскиот парк, 63 бели столчиња – 63 животи, започнуваме со настан за оддавање почит на прерано починатите дечиња. Потоа следува молитва за упокоените, комеморативен настан“ – додава Грозданов.

Во оваа прилика градоначалникот упати апел до граѓаните на Кочани да се движат без автомобили со цел поголем конфор во централното градско подрачје и достоинствено одбележување на една година од трагедијата. Истакна дека како никогаш досега се работи на чистотата во градот и апелираше до приватните и јавни установи да ги ослободат вработените од работа и заеднички да се одбележи годишнината од катастрофалниот пожар.

Иван Митев, М-Нет