ФФМ по акцијата против Ѓорѓиоски: Утврдена штета од над 2,5 милиони евра

ФОТО: ФФМ

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се огласи со официјално соопштение по денешната полициска акција во која беше приведен поранешниот претседател Илчо Ѓорѓиоски, заедно со повеќе негови тогашни соработници.
Акцијата е спроведена од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во координација со Управата за финансиска полиција, а се однесува на сомнежи за финансиски злоупотреби и нанесена штета на Федерацијата.
Од ФФМ посочуваат дека случајот првпат бил пријавен уште во 2019 година, по што била спроведена истрага од страна на Финансиската полиција. Како резултат на истрагата, во 2020 година била поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.
Според Федерацијата, документацијата доставена до институциите покажува дека во периодот од јануари 2015 до крајот на 2019 година била предизвикана штета поголема од 2,5 милиони евра.
Во своето соопштение, ФФМ наведува дека во изминатите години немала повратни информации за текот на постапката, сè до крајот на 2025 година, кога од неа била побарана дополнителна документација. Истата била доставена на почетокот на 2026 година, заедно со дополнителни податоци и укажување за висината на утврдената штета.
Од Федерацијата нагласуваат дека и понатаму ќе соработуваат со сите надлежни институции во насока на целосно расветлување на случајот и заштита на интересите на македонскиот фудбал.
Денешните приведувања претставуваат нова фаза во предметот што со години е предмет на истрага, а јавноста очекува надлежните органи да ги утврдат сите факти и евентуалната одговорност на инволвираните лица.