Фудбал под рефлектори во Штип: Брегалница против Шкендија Арачиново, дерби на Струга и Силекс

Познати термини за шестото коло на Првата македонска фудбалска лига, а кое се отвара во петок до мечот меѓу Шкендија и Тиквеш од 16:30 часот.

Два часа подоцна ќе се игра натпревар под рефлектори во Штип, каде Брегалница и Шкендија Арачиново ќе се соочат во натпревар кој ќе започне во 18:30 часот и сигурно е дека ќе се наполни одново трибината со поддршка за „сините“.

Во сабота на програмата ќе биде еден натпревар. Скопје и Башкими во дуел за први бодови. „Пиратите“ имаат три ремија и два порази и ќе бараат прва радост, а пак тимот од Куманово ќе ги бара дури првите бодови, стартот на натпреварот е во 16:30 часот.

Колото ќе се комплетира во понеделник со два натпревари. Во 16 часот ќе започне дербито меѓу Струга Трим Лум и Силекс кое ќе се игра покрај езерото, додека пак во 17 часот Вардар ќе го пречека тимот на Арсими со што ќе биде комплетирана рундата број шест од македонската фудбалска елита.

Александар Ванев, М-Нет