ФОТО: Слога се „распука“, Воска го „потона“ Караорман во езерското дерби, Гостивар се намачи, Пелистер со „петарда“

Првото пролетно коло од Втората македонска фудбалска лига помина доста ефикасно, беа постигнати 24 погодоци на сите осум средби, во просек речиси на четири минути по еден постигнат гол. Вардар „киксна“ на стартот од неизвесната пролет, Гостивар се намачи за трите бодови, а Тетекс победнички тргна во походот кон опстанокот.

Пелистер 5:0 Кожуф

„Ремонтот“ во Пелистер донесе убедлива победа од 5:0 на стартот од пролетниот дел, откако битолчани со „петарда“ го почестија Кожуф. Избраниците на Бабунски беа повеќе од импресивни и убедливи на теренот, а ваквиот убедлив триумф за Пелистер е повеќе од потребен кон тешката борба за експресен кам-бек во елитата.

Избраниците на штипскиот стратег Трајче Сенев не беа на нивото на задачата и во Гевгелија се вратија со тежок пораз, а веќе во следното коло во Чегране против Арсими ги очекува повеќе од тежок натпревар каде ќе мора да се бара позитивен резултат со цел да не се загрози опстанокот и борбата да се претвори во „пеколна“.

Кожуф имаше сили да парира само едно полувреме, бидејќи во вториот дел Пелистер ја „торпедираше“ противничката мрежа. Спирскоски уште во 8. минута ја израдува домашната публика со гол за водство од 1:0 на полувреме. Во вториот дел искуснииот Маневски со два гола ја зголеми предноста на високи 3:0. Во самиот финиш од мечот Бурхан Мустафов и Благоја Љамчевски уште два пати ја погодија мрежата на Картов.

Вардар 1:1 Арсими

Вардар се спаси од пораз на домашен терен и извлече само бод против новајлијата Арсими, откако одигра 1:1. „Црвено-црните“ ќе имаат повеќе од тешка полусезона и борбата за враќање во елитата ќе биде повеќе од тешка.

Еди Абдија во 32. минута погоди и обезбеди водство за Арсими од 0:1. Водството на гостите од Чегране траеше до 70. минута, кога Дарио Десниќ погоди за 1:1 и го врати Вардар во игра и за цел „плен“. Сепак, „вардаци“ немаа сили за комплетен пресврт и на крај мораа да се задоволат само со бод.

Ваквиот „кикс“ на Вардар најмногу им одговараше на Гостивар, а особено на Воска Спорт, која се врати на второто место, откако Вардар се спушти на третото место на табелата.

Тетекс 2:0 Охрид

Љупчо Марковски – Калц успеа да стави крај на резултатската криза во Тетекс и со триумф ја отвори полусезоната, откако „штофарите“ со 2:0 беа подобри во дуелот со Охрид. Тетекс на своето конто впиша три бода вредни злато на патот кон опстанокот во Втората македонска фудбалска лига.

Триумфот беше обезбеден во првиот дел од мечот со два брзи гола, откако најпрво Емил Скоко погоди во 39. минута за водство од 1:0, а по две минути игра Никола Сарески ги постави конечните 2:0, откако во вториот дел мрежите мируваа и на двете страни.

Беласица 2:1 Детонит Плачковица

Беласица се „одмазди“ за поразот во Радовиш од првото коло откако денес на „Благој Истатов“ во Струмица со 2:1 славеше над Детонит Плачковица. Иако струмичани триумфираа и стигнаа до своето шесто сезонско славје, немаат прогрес на табелата и остануваат на осмата позиција на табелата. Но, сепак, победата е повеќе од важна за струмичката гордост.

Трите голови во Струмица паднаа во вториот дел, а Александар Коцев во 55. минута ја донесе Беласица во водство од 1:0. Дваесет минути подоцна Александар Милушев беше стрелец на вториот гол и донесе водство од 2:0.

Детонит Плачковица веднаш реагираше и го намали водството на струмичани на 2:1, откако во 77. минута Тони Мирчевски погоди и ги врати радовишани во борба барем за бод. Сепак, до крајот на мечот во Струмица мрежите мируваа и трите бодови останаа дома.

Тренерот на Детонит Плачковица, Иван Варадиновски по завршувањето на натпреварот даде изјава за телевизија М Нет нагласувајќи дека верува во екипата и дека ова е само лош почеток.

„Не успеавме да пресликаме моменти кои ни беа одлика на претходните натпревари, примивме два гола од прекини. Максимално верувам во екипата и дека ова е само лош почеточ. Целиот впечаток ќе биде поправен во наредните натпревари“, вели Варадиновски за М Нет.

Слога Виница 4:0 Борец

Засилената Слога ја оправдата улогата на фаворит, откако на домашниот терен во Виница славеше над „фенерџијата“ Борец со убедливи и високи 4:0. Триумфот беше повеќе од очекуван за домашниот тим, а трите бодови беа повеќе од потребни за Слога победнички да патува на можеби најважното гостување во Струга, каде ќе се соочи со конкурентот Караорман за опстанок.

Борец со поразот во Виница пополека започнува сигурно да ги пакува куферите на патот кон Трета лига – Југ, бидејќи е пред речиси невозможна мисија за опстанок.

Само дваесет минути игра беа потребни за Слога Виница да дојде до убедливи 3:0, откако најпрво Маџунковски погоди за водство од 1:0 во осмата минута, а веќе во 11. минута повратникот Кристијан Јордановски постигна гол за 2:0. Доминацијата на теренот продолжи, па со втор гол Давид Маџунковски обезбеди предност од 3:0 по првите 45 минути.

Во вториот дел Бобан Тасевски ги постави конечните 4:0 за голема радост на домашната публика и домашните навивачи.

Дербито од дното на табелата гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност да го следат во ЖИВО во директен пренос. Телевизија М Нет која има ексклузивни права за пренос на натпреварите од Втората македонска фудбалска лига ќе понуди нова спортска содржи за гледачите во текот на следните натпревари.

Воска Спорт 4:1 Караорман

Амбициозната Воска Спорт повеќе од доминантна и убедлива славеше во езерското дерби против Караорман со 4:1. Охриѓани со овој триумф го искористија „киксот“ на Вардар и се вратија на второто место кое обезбедува директен пласман во Првата македонска фудбалска лига, што за Воска Спорт ќе биде историски успех.

Караорман немаше сили да му парира на големиот фаворит кој има далеку поквалитетен тим, а тоа го потврди во текот на сите 90 минути на СЦ „Билјанини Извори“.

Во првиот дел Караорман пружеше поголем отпор, а Фитон Адеми во 31. минута погоди за 1:0 на полувреме за Воска Спорт. На стартот од вториот дел Илирид Насуфи по стигна автогол со што Воска дојде до водство од 2:0.

Диели Каба по четири минути игра постигна гол и намали на 2:1 со што Караорман се врати во игра, но Воска не остави простор за изненадување, откако преку вториот гол на Адеми дојде до 3:1, а Ардит Демири во 75. минута ги постави конечните 4:1 и Караорман го испрати во Струга со празни раце.

Гостивар 1:0 Локомотива Пехчево

Големиот фаворит и лидер на табелата Гостивар се намачи со цел да ги обезбеди трите бодови против екипата на Локомотива Пехчево, откако мечот заврши со минималец од 1:0 за домашниот тим.

Херој за домашниот тим беше Ринор Ајдини кој погоди во 17. минута од мечот одигран на Градскиот стадион во Гостивар.

Како што утрово објави телевизија М Нет, Локомотива Пехчево има голем „ремонт“ во тимот и тоа се покажува како полн погодок, иако гостите во Гостивар беа поразени, сепак беа рамноправен противник и до мај месец најавуваат голема борба за опстанок.

Беса 2:0 Каменица Саса

Сосема очекуван беше триумфот за екипата на Беса од Добри Дол, која на теренот во Врапчиште го доби дуелот со Каменица Саса со резултат од 2:0.

Избраниците на Александар Таневски прокнижија три бодови и го запишаа својот седми сезонски триумф. Веќе следното коло Саса ја очекува тежок дуел против лидерот Гостивар на домашен терен каде ќе бара позитивен резултат, бидејќи може да се спушти во зоната за директно испаѓање и да ја закомплицира и онака тешката мисија за опстанок.

Љавдрим Скендери во 40. минута од мечот погоди од игра и обезбеди водство од 1:0 за Беса. Во вториот дел, односно во 56. минута Марјан Дејаноски покажа на белата точка за домашниот тим, а Малиќ Белули беше сигурен реализатор од белата точка и ги постави конечните 2:0.

Преглед на целата табела во Втората македонска фудбалска лига:

Гостивар е лидер на табелата со 40 освоени бодови, следува Воска Спорт со 37 колку што има и третопласираниот Вардар, а потоа е Пелистер кој е четврти со 33 бодови и Детонит Плачковица кој има 29 бодови и се наоѓа на петтото место на табелата.

Борец е „закован“ на дното без бодови, Тетекс сега има 10 бодови, но останува на претпоследното место, Слога со 13 бодови се израмни со Саса и го дели 13-тото место на табелата.