ФОТО: Новаци и Кораб убедливи и не попуштаат за врвот во Трета лига – Југозапад, Преспа поразена од Лирија

15 коло од Трета лига – Југозапад донесе две убедливи победи за двата фаворити и кандитите за бараж за Втора лига.

Новаци полесно од очекуваното славеше во дербито со „лутиот ривал“ Кравари со високи 2:4 на гостински терен.

Пепи Трајков ја стресе сопствената мрежа и обезбеди предност за Новаци од 0:1, а брзо Благојче Ристевски израмни на 1:1 со гол од пенал и го врати Кравари до рамноправна борба за трите бодови. Пред финишот на првиот дел Христијан Торнески постигна гол и обезбеди нова предност од 1:2 на полувреме за Новаци.

На стартот од второ полувреме Стефан Јовановски ја стресе мрежата на Апостоловски за високи 1:3. Се беше полесно за Новаци, кој веќе во 72. минута имаше предност од дури 1:4. Во 81. минута Даниел Станковски успеа само да го ублажи поразот на конечни 2:4.

Ланскиот второлигаш Кораб со убедливи 4:0 го декласираше Демир Хисар на домашен терен. Првиот дел беше израмнет, а Един Мерсовски во 44. минута постигна гол за водство од 1:0 за Кораб.

На стартот од вториот дел на Градскиот стадион во Дебар паднаа два брзи гола. Таулант Влаши зголеми на 2:0, а Мерсовски со втор гол обезбеди предност од високи 3:0. До крајот на мечот Денис Ѓулиоски ја потврди победата за Кораб со високи 4:0.

Влазними на домашен терен со 3:0 беше пресилен за Иднина, а до победата домашниот тим стигна со двата гола на Сундим Фејза и третиот гол кој беше дело на Тони Прќакоски.

На Градскиот стадион во Ресен домаќинот Преспа беше минимално поразен од Лирија од Грнчари со голот на Неџми Реџепи, кој беше постигнат во 72. минута.

Кораб и Новаци не попуштаат на патот кон баражот за Втора лига и го делат врвот со по 33 бодови.