Форца нов шампион во Првата футсал лига, Левески: Одлична сезона, се насочуваме на Купот и ЛШ!

ФОТО: Телевизија М Нет

Екипата на Форца е нов шампион во Првата футсал лига на Македонија со што ја оправда онаа улога на главен фаворит за освојување на титулата во домашното првенство, бидејќи Форца од сам старт на сезоната беше прв кандидат за освојување на титулата.

Форца во саботата во Слупчане на домашен терен го одигра последниот меч за оваа сезона, пред верната публика и поддржувачите го подигра шампионскиот пехар, откако претходно со 12:0 го декласираше тимот на Овче Поле испраќајќи го во Втората футсал лига.

Овој натпревар како и прославата на Форца со шампионскиот пехар можевте ексклузивно во живо преку директен пренос да го следите на спортскиот канал М Нет Спорт.

Во изјава за телевизија М Нет, еден од најдобрите наши футсал играчи и репрезентативец, Зоран Левески вели дека тоа што го зацртале го оствариле, освоена е шампионската титула на убедлив начин, додава дека најважно е што клубот ќе игра и во предквалификации во Лига на шампиони.

Левески за М Нет зборуваше и за целите на Форца во Европа, но и за Купот на Македонија, а целта е двојна титула.

Во изјавата за телевизија М Нет, Левески зборуваше актуелната сезона и за квалитетот во футсалот во Македонија со формирањето на Втората футсал лига.

До крајот од сезоната останува уште едно коло. Телевизија М Нет доби признание и благодарност од новиот шампион Форца за соработката и афирмацијата на футсалот во Македонија.

Александар Ванев, М-Нет