
Најдобрите основци и средношколци – ученици на генерација во петте основни и четирите средни штипски училишта добија награди од Општина Штип. Вредносните ваучери во износ од 5.000 денари денеска свечено беа доделени во општинската зграда. За учениците ова значи дополнителен мотив и поттик за постигнување успеси во натамошното школување.
„Ова за мене претставува голема чест, бидејќи Општината ги препознава нашите капацитети и можности и со тоа нѐ мотивира да продолжиме понатаму да се едуцираме и да постигнуваме нови височини. Јас лично ќе продолжам во Скопје на УКИМ на Факултет за електронски науки“, вели Драган Дончевски, ученик на генерација во СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип.
„Јас сум Ена Стојановска од ООУ „Славејко Арсов“, ова претставува големо задоволство за мене и сум задоволна што ја добив оваа награда покрај целиот труд и учеството на многубројните натпревари. Моето понатамошно школување планирам да го продолжам во Гимназијата „Славчо Стојменски““, вели Ена Стојановска, ученик на генерација во ООУ „Славејко Арсов“ – Штип.
Општината првпат ја доделува оваа награда за ученици на генерација. Градоначалникот, Иван Јорданов, кој оствари средба со учениците, посочи дека стипендиите ќе се прошируваат од година во година и ќе опфатат поголем број стипендисти.
„Навистина ми е чест и задоволство што денес остварив средба со најдобрите ученици во основните и средните училишта – првенци на генерација, коишто од страна на Општината добија финансиска поддршка за постигнатиот успех којшто посакувам да продолжи имајќи предвид дека оваа година за првпат се одлучивме за оваа финансиска поддршка, но исто така и минатата година започнавме со стипендирање на најдобрите ученици. Во годините коишто ќе следат овие стипендии ќе се прошируваат и ќе опфаќаат поголем број на ученици коишто се пример во генерацијата и коишто треба да бидат иднината на нашата општина, генерирајќи го развојот“, истакна Јорданов.
Минатата година Општината потпиша договори со 13 ученици за доделување стипендии во траење од 12 месеца и еднократни парични награди во висина од 30.000 денари, а по основ на распишан Конкурс.
Ребека Спасова М-Нет