Уништени реквизити на детското игралиште во населбата Драчевик во Кочани

Детското игралиште изградено во непосредна близина на социјалните згради во  кочанската населба Драчевик, иако сè уште официјално не е ставено во употреба, веќе е уништено. Дел од реквизитите се откорнати од подлогата, лулашките и клацкалките  се расипани, а урбаната опрема – клупите и кантите за отпад, покажуваат траги од насилство.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и претставници на неколку институции и невладини организации направија увид на локацијата на новото, сега веќе нагрдено детско игралиште.

– „Ова игралиште е изградено од страна на локалната самоуправа,  со пари од граѓаните на Општина Кочани, што значи дека оваа опрема е на сите граѓани и треба рационално да се користи и да се чува. За жал, можеме да констатираме дека не е така, и ние како локална самоуправа сме загрижени за ова што се случува, за однесувањето на лицата коишто го користеле недозволено, незаконски, па игралиштето кое сè уште не е ставено во функција е уништено. Ако продолжи ваквото однесување, нам ни преостанува реквизитите да ги дислоцираме и да ги поставиме на место каде што ќе биде користено  одговорно и совесно“ – соопшти Илијев.

Неодамна, градоначалникот на Кочани се сретна со дел од жителите на оваа населба, кои се пожалија на непристојно однесување и уништување на урбаната опрема од некои соседи од новиот станбен објект. Побараа надлежните да преземат мерки против лицата кои ова место на живеење од мирно го претвориле во неиздржливо, небезбедно и неспокојно. 

Изминатиов период Општина Кочани изгради четири нови детски игралишта, од кои три во Кочани и едно во Грдовци, кои поради здравствената криза сè уште не се пуштени во употреба.