
Екипата на Светлост од Зрновци за пролетниот дел во Трета лига – Исток се засилува со голем број на играчи, а целта на клубот за вториот дел од сезоната е пласман што повисоко на табелата.
Третолигашот од Зрновци минатата сезона беше шампион во Општинската фудбалска лига во Кочани и со тоа обезбеди место во Трета лига – Исток, но клубот летните подготовки ги започна подоцна и тоа донекаде се рефлектираше врз резултати и физичката подготвеност на играчите.
Но, сега клубот зимските подготовки ги започнува со време со цел да влезе подготвен за вториот дел од сезоната. Нови имиња во тимот се Дејвид Иванов, Стефан Стефановски и Славче Митовски кои доаѓат од Осогово, Илија Шуманов од Слога Виница, Филип Арсов од Карбинци, Леон Трајков и Столе Тодорв од Чешиново и на голманската позиција Мики Горгиев кој е повратник од ФК Зрновка.
Како што ни изјави тренерот Славчо Гиздовски ќе бидат одиграни и три пријателски натпревари. Првата е закажана за во недела од 16 часот против Малеш од Берово.
Поради заминување во странство Борис Донев го напушти Светлост Зрновци.
Брегалница од Делчево за пролетниот дел од сезоната ќе има пет нови играчи, се работи за Емил Рунчевски и Дени Андонов кои доаѓаат од редовите на Овче Поле од Свети Николе, потоа Ненад Нешовски и Антонио Стојчов кои во пакет пристигнаа од третолигашот Карбинци, како и Јован Дојчинов кој беше прво зимско засилување, а пристигна од Осогово.
Екипата на Брегалница пролетниот дел го отвара во Делчево против Тиверија, а пак Светлост во Зрновци ќе го пречека Овче Поле.
Како што веќе информиравме пролетниот дел во Трета лига – Исток ќе започне на 9. март со натпреварите од 10. коло.
Александар Ванев, М-Нет